Маријана живее во Прага: „Чешките парови страсно се бакнуваат среде улица, има многу Македонци - од мајстори до инженери“
Што те нервира најмногу во оваа земја?
Да бидам искрена во почетокот ме нервираа постарите тетки кои со прекорен поглед ќе ве погледнат ако не зборувате чешки или ако зборувате гласно во јавниот сообраќај, но после тоа се навикнав и сфатив дека и можеби и имале право.
Сепак нашиот менталитет не е ни приближно сличен со нивниот. Во метро, автобус или трамвај се читаат книги, односно денес повеќе се „зјапа“ во телефоните, но нивниот културен кодекс е да се биде тивок во јавниот сообраќај.
Нешто што ми падна во очи е што секогаш се станува на постара личност или се помага. Вредностите и почитта сепак се зачувани, во секој случај.
Од друга страна, неверојатна контрадикторност е што често ќе видите млади пијани луѓе кои немаат обѕир за другите околу нив, без разлика дали е на улица или во јавен сообраќај. За среќа полицијата брзо, мирно, културно интервенира, а нема да забележите дека околу вас се случило нешто.
Какви пријатели се локалците?
Локалците се прилично претпазливи со странците (овде мислам на Пражаните, ако и воопшто има Пражани).
Посебно постарата генерација немаат доверба во странците, а понекогаш тоа незадоволство видливо го покажуваат.
Ако не одите според правилата, може и да не им се допаднете. Но, тука често игра улога и јазичната бариера. Постарите не зборуваат англиски, додека младата генерација се оние кои ги внесуваат промените, имајќи предвид дека нивните баби и дедовци и делумно родителите живееле во еден поинаков систем и уредување.
Младите зборуваат одлично англиски и лесно се воспоставува комуникација. Од една страна на почетокот се претпазливи, но потоа ако им влезете под кожа го имате целото нивно почитување.
Прага е космополитски град и би рекла дека има повеќе странци отколку локалци, но во малите места локалците се сосема поинакви, пријателски настроени и спремни да ви помогнат и да ви направат муабет во секој момент.
Се организираат различни тематски средби и секогаш ќе видите расположени луѓе да дознаат од каде сте, како ви се допаѓа нивната земја и да чујат зошто токму сте ја избрале нивната земја за живеење.
Од друга страна, Прага е неверојатно пријателски град за децата. Во метроата, трамваите, автобусите ќе видите дечиња сами одат на училиште со клучот околу врат и безбедноста е на највисоко ниво.
Во близина на училиштата секогаш има полиција.
Какви се на поле професија?
Хм, професионални! Можеби и повеќе од што треба. На работното место не се зборува многу, едноставно не се губи време за непотребни работи.
Секој си го завршува своето и си заминува дома. Премногу сериозни. Премногу дисциплинирани би рекла.
Тука може и влијаат навиките од претходниот систем, каде што секој од секого се „бранел“ на работното место, па можеби и младиве генерации имаат нешто преземено од тоа влијание.
Не излегуваат од рамките на правилата и не се ни трудат да го направат денот интересен, а сепак работата да се заврши. Или кратко речено, по малку круто.
Но, за среќа, јас работам во интернационална компанија каде што имате различни влијанија, но сепак она македонското во мене надвладува, па излегувам малку од колосекот и колегите прифаќаат по малку од мене, но мора и да признаам и јас прифаќам од нив.
Во секој случај, се работи многу, а времето овде е бесценето.
Какви се во љубовните врски? На колку години стапуваат во брак? Дали имаат модерни сфаќања? Го ценат бракот или има многу разводи?
Љубовта е непресушна и интересна тема секаде и секогаш, па така и овде.
Љубовта се изразува во метро, во трамвај, во автобус, на улица, на културен настан, пред рецепција со страсни бакнежи, прегратки и сл. Воопшто не се срамат од љубовни допири и тогаш знаете дека парот е чешки.
Странците ретко ја покажуваат љубовта толку страсно во јавност за разлика од Чесите.
Многу брзо стапуваат во љубовни врски, но и брзо се распаѓаат истите. Стапуваат млади во брак и може да видите млади брачни парови со три мали деца.
Живеат и во вонбрачни заедници, а најчесто имаат како јас што би ја нарекла и „бонус фамилија“ или во превод, децата од другата жена или другиот маж живеат заедно како едно семејство со родителите/парот. Тоа воопшто не е табу-тема и сите празници се слават заедно.
Едноставно го ценат семејството како семејство, но во овој случај секое семејство е приказна сама за себе.
Како и секаде, така и тука, ако работите не одат, тогаш пристапуваат кон развод. Во денешно време и Чешка не е имуна на таквите случувања.
Колку е различна Чешка за доживување како турист и како граѓанин таму?
Јас немав можност Чешка да ја доживеам како турист, бидејќи не бев дојдена претходно како турист, туку директно да живеам.
Мислам дека туристите не ги доживуваат оние работи и привилегии кои ние како локалци ги имаме. Мирно, спокојно секојдневие. Едноставно нам како локалци ни е поубаво, ги знаеме сите мали и големи тајни места каде што може на раат да уживаме во кафето, без врева и метеж.
Кога и да се организира добар концерт, нам ни е поедноставно и не мора да се грижиме за сместување, превоз или сл. Сè ни е на дофат.
Од оваа гледна точка не би сакала да сум турист во Прага. Да го поминете Карлов Мост и навистина да уживате во погледот на реката В’лтава и да направите прекрасни фотографии на катедралата Свети Вита треба да станете во 4 наутро, оти од 8 наутро, па сè до доцна потоа не може да се разминете од туристи.
Од друга страна ги жалам туристите што токму во туристичките делови ги плаќаат работите тројно повеќе, но како и секаде во светот, така и овде, туристите се најоштетени.
Иако градот, мислам на туристичките атракции и знаменитости може да се види за три дена, сепак туристите не може да ги доживеат убавите зимски и пролетни ветриња во метро станиците, шумите и парковите, скриените кафулиња со автентични ентериери и уметност.
Редовно имам посети од пријатели и роднини и секогаш се трудам да им ја покажам поинаквата страна на Прага, а со тоа и јас поинаку ја доживувам.
Прага ја чувствувам како мој роден град.
Како те прифаќаат како дојденец? Има ли многу Македонци што живеат таму? Се запознавте ли, организирате ли забави?
За среќа, не се чувствувам повеќе како дојденец.
Во почетокот не ми беше лесно, но откако го научив јазикот не го чувствувам тој јаз меѓу мене и локалците.
Сега, полесно остварувам контакти, сè повеќе го користам јазикот, дури и кога правам грешки.
Се приспособив на начинот на живот и речиси немам стресно секојдневие. Имаме флексибилни работни часови и нема потреба да се почне во 8 и 30. А, верувајте 15 години да бидете точно во 7 и 30 на првиот час, возите во метежот во Скопје, прилично ми беше стресно, а сега не би можела да се вратам на тоа повторно.
Секоја работа си има свои предности и маани, но овде како „локалец“ си ги знам правилата. Немате потреба од автомобил, а за другото некој друг се грижи.
Кога станува збор за Македонци, нè има многу, од различни профили и професии, низ цела Чешка.
Официјална бројка не знам да ви кажам, ама во секој случај, имаме средби. Благодарение на новиот амбасадор, бевме поканети на прославата за Илинден и можам да кажам дека има некоја надеж да се дружиме повеќе.
Но, штом здогледам македонско презиме, без пардон ѝ пишувам на личноста и следно е кафе.
Имаме многу јаки професионални кадри овде и навистина ми е мерак што се дружиме без онаа македонска карактеристика на себичност или зависност. Има многу од помладата генерација, кои дошле да студираат и останале и се неверојатно успешни луѓе.
Имаме Фејсбук страница „Македонци во Чешка” за остварување контакти од кој било облик и таму можете да најдете од плочкар до електроинжинер.
Досега сите мајстори што ги најдов, ги најдов на таков начин и со задоволство би им ги дала парите ним отколку на чешките мајстори, кои се ужасно скапи. А, македонскиве даваат и попусти.
За жал, постарата генерација се повеќе југо-носталгичари и сè некако се тера „југословенското“ отколку македонското, но нели секој има право на избор кога станува за забава.
Јас лично не одам на концерти на српски или хрватски пејачи. Но, не изостанува присуството на овие пејачи во Прага. Јас повеќе одам на интернационални забави и пејачи.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





