Вера Радески за преселбата во Чикаго: „Првата година е хаотична, ве мачи носталгијата, се колебате да се вратите“
Каква е климата? Страшни ли се зимите?
Климата е слична како кај нас, и тука има четири годишни времиња, со таа разлика што подолгото траење на зимите го скратуваат траењето на останатите три.
Зимите се тмурни и ледени, сонце речиси и да не гледаме цели 4 месеци.
Исто така, се карактеристични и постојаните и силни ветрови поради местоположбата, а вистинска закана за елементарна непогода се торнадата.
За мене најубаво годишно време во Чикаго е есента, температурата е идеална, така што ако некој планира да го посети Чикаго би препорачала тоа да биде во периодот од крај на август до средина на ноември.
Што од начинот на живот најмногу ти се допаѓа таму, а што најмалку?
Од начинот на живеење најмногу ми се допаѓа редот и организацијата на општеството во целост и беспрекорното функционирање на истото.
Секаде ќе ве пресретнат насмеани лица со желба да ве разберат и помогнат.
Изгледа малку комплицирано учењето на системот, но луѓето тука се желни да ве упатат во сè. Толку е разновиден изборот во секоја сфера на живеењето, што секој може да се пронајде во нешто.
Дружењата и ноќниот живот се можеби и најинтересното нешто во Чикаго.
Не ми се допаѓа тоа што најголем дел од времето поминуваме во возилата. Неизводливо е да завршите некоја работа, а да не треба да се качите во автомобил и да се одвезете некаде.
Исто така, никако не се навикнав на нивната храна, која е речиси без вкус и полна со шеќери.
Затоа избегнувам да купувам готови оброци, се трудам да најдам време сама да си ги направам.
Зимите исто така ми паѓаат многу тешко, не поради студот, туку поради сивилото и недостатокот на сончеви зраци, премногу депресивно делува на мене.
Како им функционираат институциите?
Функционирањето на институциите е сосема поинакво од она во Македонија и на прв поглед делува мошне конфузно.
Меѓутоа може многу брзо и лесно да се научи доколку имате трпение и волја.
Здравството функционира на принцип на купување на план на годишно ниво за здравствено осигурување, во зависност од тоа колку заработувате, каква е вашата моментална здравствена состојба, кои здравствени институции сакате да ви бидат вклучени итн.
Финансискиот дел функционира на база на градење на кредитен рејтинг.
Отворањето на сметка во банка е слично како кај нас, можете да аплицирате за различни кредитни картички од различни банки и преку нив со разумно користење и навремено плаќање да докажете дека сте безбеден кандидат за одобрување на поголеми кредити за купување автомобил, живеалиште и сл.
Какво темпо на живот водат локалците? Имаат ли интересни навики од секојдневието?
Од моето досегашно искуство локалците водат многу помирен и поскромен живот од дојденците.
Многу почесто ќе сретнете успешен човек чие семејство (мајка/татко или баба/дедо) емигрирале во САД, отколку оние кои со поколенија наназад живеат тука.
Изненадувачки за мене е дека многумина од нив никогаш во животот не извадиле пасош, а некои дури и не излегле од местото каде што живеат.
Што се однесува до нивните навики од секојдневието секаде ќе ги забележите по огромната чаша со кафе наутро, најголемата насмевка и позитивната енергија во текот на целиот ден.
Мошне се љубезни и дружељубиви, уживаат во разговорите со тотални странци и се многу искрени, трпеливи и директни. Често ќе ви кажат ако им се допаѓа некое парче облека или нешто конкретно кај вас.