Анастасија од Штип ја посети Трикала: „Патувавме 7 часа, влезот во работилницата на Дедо Мраз е бесплатен“
- Детали
- четврток, 12 декември 2024
„Секој дел од Работилницата на Дедо Мраз нуди нешто интересно и ново, не знаеш што прво да посетиш или да пробаш. Сè е волшебно и убаво како во новогодишна бајка“, вели Анастасија, која при посетата на Трикала, ги посетила и Метеори.
Анастасија Митева (22) од Штип, неодамна беше на патување до Трикала, Грција, каде што се наоѓа една од најголемите новогодишни атракции во регионот - работилницата на џуџињата на Дедо Мраз.
Таа го посети овој тематски парк преку викенд, како еднодневна екскурзија, па освен што имаше можност да ужива во Трикала, заедно со групата со којашто патувала, се качи и на Метеори, кои се наоѓаат во непосредна близина на градот.
Искуството од новогодишната магија во „селото на Дедо Мраз“ и убавините што ги доживеала на Метеори, Анастасија ги сподели за CRNOBELO.com:
„Во Трикала отидов организирано, преку агенција. Патувањето не беше воопшто скапо и е нешто што секој може да си го дозволи.
Станува збор за еднодневна тура до тој дел од земјата. Патувавме со автобус од Штип, и патот траеше околу 7 часа.
За влез во Работилницата на џуџињата на Дедо Мраз не се плаќа, односно влезот е бесплатен.
А таму, има преубави работи кои може да се посетат како атракции, но сите си имаат различна цена.
Па така, се плаќа билет ако сакате да се лизгате на мраз, да влезете во фабриката за слатки задоволства (каде се продаваат вафли, палачинки, пудинг и многу слатки нешта кои тие ги прават).
Има и луна парк за сите возрасти, посета на куќата на Дедо Мраз, многу куќарки со најразлична храна (гиро, пица, бургери), а има и новогодишна програма со настапи на деца, со најразлична музика.
Секој дел од Работилницата нуди нешто интересно и ново, па не знаеш што прво да посетиш или да пробаш.
Сè е волшебно и убаво како во новогодишна бајка. Од ништо не сум разочарана.
Зборовите се малку да се опишат чувството и глетката, па затоа препорачувам сите што можат да ја посетат Трикала во овој период од годината.
Мислам дека нема да зажалат и ќе имаат убави доживувања и спомени за цел живот.
Од Работилницата на џуџињата на Дедо Мраз се качивме на Метеори за да ги видиме неверојатните манастири на карпи.
Влезницата во манастирите е 3€, а од врвот има преубав поглед кој го одзема здивот.
Таму се наоѓа и карпа од која извира света вода, а која може да се пие.
Навистина топло ја препорачувам турата и посетата на овие места, без оглед дали ќе одите со агенција или ќе се организирате сами, бидејќи е предобро искуство“.
Повеќе фотографии од Трикала и Метеори:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело