„Бев на борба со бикови во Севиља, Малага ги има најубавите зајдисонца“: Боро од Скопје за посетата на Шпанија
Овој строго ритуализиран настан е поделен во три етапи, со музички оркестар кој го најавува почетокот и завршувањето на секој дел.
Без разлика дали ги сакате или мразите, борбите со бикови во Шпанија се многу привлечни за посетителите и љубопитните луѓе од целиот свет, а многу експерти ја сметаат за национално и уметничко богатство.
Но, во исто време, има многу луѓе кои се против борбите со бикови - не само еколошките здруженија, туку и луѓе кои се залагаат за правата на животните и ја гледаат борбата со бикови како целосна неправда и бескорисна тортура.
Едно е сигурно: прашањето за биковите во Шпанија не остава никого рамнодушен.
Како што самиот бик е еден од најважните и најкарактеристичните симболи на земјата, така на шпанските автопатишта може да се видат огромни метални конструкции на бикот на Озборн.
Шпанците се чувствуваат целосно фасцинирани од фигурата на бикот, веројатно поради силата, грациозноста и храброста на едно толку моќно животно.
Во времето поминато во Шпанија, имавте ли можност за дружење со локалното население? Каков впечаток ти оставија Шпанците?
Бидејќи бевме во сопствена режија, немавме дружба со локалното население.
Но, кога ќе седневме во ресторани, знаеја често да нè прашаат од каде сме.
И можам да кажам дека бев среќен што и од помладата популација на неколку наврати ни потврдија дека слушнале за Македонија.
Инаку, Шпанците се среќен и многу трпелив народ, барем такви беа во деновите додека бевме таму - тоа можевме да го забележиме.
Каква е локалната храна и што ви се допадна најмногу?
Кога сте во Андалузија, една работа што треба да ја искористите е да пробате од вкусната и свежа храна и производи. Оваа кујна нуди широк спектар на јадења и од копно и до море.
Без разлика дали сте љубители на морска храна или стек, на паеља или зеленчук – можете да бидете сигурни дека ќе уживате.
Што се однесува до јадењата, неколку ми оставија силен впечаток.
Пескаито фрито е микс од пржена морска храна.
Во оваа мешавина обично ќе најдете каламари, ракчиња, ситна риба, беби октопод и тоа го служат со пиво во стаклено шише од еден литар. Не можевме да му се наситиме на ова јадење.
Гаспачо е уште една ѕвезда на андалузиската храна. Тоа е ладна супа од домати направена со пиперки, краставици, оцет и маслиново масло.
Паељата е шпанско јадење со ориз кое потекнува од регионот на Валенсија, но е популарно низ целата земја.
Постојат многу различни варијации на ова јадење – од комбинации со морска храна, па сè до варијанти со месо.
Карилада е јадење што се состои од пржени говедски образи или пржени свински образи. Се вари полека, со часови, и едноставно се топи во устата.
Андалузија може да се пофали и со богата историја на производство на вино која датира со векови, па можевме да пробаме и многу вкусни вина во текот на патувањето, а кои одлично го дополнуваа вкусот на храната.
Посетивте ли некоја плажа? Какви се плажите во тој дел од Шпанија?
Андалузискиот брег е еден од најатрактивните за туризам поради разновидноста на неговите води и плажи – Средоземното Море на исток и Атлантскиот Океан на запад.
Различните карактеристики на овие плажи се причината што ги избравме токму нив.
Фините песочни плажи на Кадиз, и Нерја, прекрасниот залив во близина на Малага, се меѓу најдобро оценетите плажи во Андалузија.
Ви ја препорачувам Нерја, да се избањате во водите на Средоземното Море. Градот е опкружен со прекрасни типични андалузиски села.
Малагета е една од најдобрите и најпознати плажи во Малага, а се наоѓа на само 10 минути од центарот на градот.
Долга е повеќе од 1 километар и се протега покрај прекрасно шеталиште каде што можете да пешачите и да уживате во палмите и волшебните зајдисонца. Ова е идеално место за семејства.
На патувањето имаше и интересна „дружба“ со мајмуни… раскажи ми повеќе за тоа.
Да, тоа се случи при посетата на малата прекуокеанска британска територија – Гибралтар. Сместен е на најјужниот врв на Пиринејскиот Полуостров, веднаш до Шпанија.
„Гиб“ – како што милува да го нарекува локалното население, е една од четиринаесетте преостанати прекуокеански територии од она што некогаш била британската империја.
Иако се наоѓате среде Андалузија, јазикот, валутата, познатите црвени поштенски сандачиња, телефонските говорници и сè останато ве потсетува на Британија.
Но тука важат правилата за патување во Британија, па ќе ви треба виза, одите со пасош …
Гибралтар е уникатна дестинација, со умерено зачувана доза на дивиот природен свет.
Кога ќе се искачите на највисоката карпа на Гибралтар, таму ќе уживате во дивата природа, во присуството на гибралтарските мајмуни, и секако, во спектакуларните глетки. А тие, мајмуните, се насекаде околу вас.
Ако одите на Гибралтар, додека сте во посета на Андалузија, мора да ја посетите најјужната точка – светилникот Europa Point, каде на иста крстосница се пресретнуваат Европа и Африка, Средоземно Море и Атлантикот.
По ова долго патување и посетата на неколку десетина места, кои се твоите препораки - кои места мора да ги посети (или што мора да направи) некој што ќе тргне во овој дел на Шпанија?
Дефинитивно Севиља е градот за кој нема опис, само треба да се посети, доживее и да се осети таа енергија. А веќе кога сте таму, ако ви се даде прилика, одете на корида и борбата со бикови.
Посетете го Кадис и изладете се во Атлантскиот Океан и секако Нерја или „Балконот на Европа“, како што многумина љубат да го кажат.