Милош Боев: „Работев во Етиопија 8 месеци како градежен инженер – сакав да се вратам назад со првиот лет, а денес би можел да живеам таму“

„Кога пристигнав во кампот, од сите страни беше затворено со бетонска ограда висока преку 2,5m и бодликава жица, на прозорецот од мојата соба - решетки, 15 стражари на влез кои се задолжени да нè чуваат. За момент се запрашав дали сум дојден на робија или мостови да правам. Но, кога ќе погледнев навечер нагоре, не можев да го тргнам погледот од небото со ѕвезди кои блескаа како дијаманти“, вели Милош Боев, градежен инженер кој во ноември 2022 замина на работа во најсиромашната и најопасна земја во Африка.

milosh-boev-rabotev-vo-etiopija-8-meseci-kako-gradezhen-inzhener-sakav-da-se-vratam-nazad-so-prviot-let-a-denes-bi-mozhel-da-zhiveam-tamu-01_copy_copy_copy.jpg

Милош Боев (40) е градежен инженер, кој во 2008 година дипломирал на Градежниот факултет во Скопје. За својата професија вели дека е возбудлива, интересна, полна со предизвици, некогаш непредвидлива и пред сè многу одговорна.

И токму професијата пред околу една година (во ноември 2022) го одведе во Африка, поточно во Етиопија, каде што, вели, созреал и почнал сосема поинаку да гледа на животот.

„Желба ми беше кога ќе пораснам да бидам доктор, но по 15 години работно искуство во оваа струка, воопшто не се каам за изборот.

Едноставно ми претставува особена чест и задоволство што станав дел од ‘неимарите’ кои потекнуваат од Македонија, кои со години градеа патишта, аеродроми, мостови на африканскиот континент и што можат своето знаење и искуство да го пренесам на проекти во Македонија и надвор од нејзините граници како што се Србија, Црна Гора, Романија, Косово, Етиопија, а сега и Нигерија.

Но, нема да застанам тука. Ова е професија која бара посветеност, трезвеност, мудрост и одлучност. Сето ова собрано во целина го создава градежниот инженер. А јас досега имам изградено повеќе од 15 мостови и реконструирано повеќе од 20, многу автопатишта и сум горд на сето тоа“, ја почнува Милош својата приказна за CRNOBELO.com.

milosh-boev-rabotev-vo-etiopija-8-meseci-kako-gradezhen-inzhener-sakav-da-se-vratam-nazad-so-prviot-let-a-denes-bi-mozhel-da-zhiveam-tamu-56.jpg

Иако Милош сакал неговиот следен работен предизвик да биде во некоја од земјите на Блискиот Исток, патот го одвел во Африка, и тоа во Етипија, една од најсиромашните и најмалку безбедни земји во светот.

Она што во прв момент било страв и желба „да си ги собере куферите и да побегне“, денес е приказна која ја раскажува со многу љубов, бидејќи, како што вели, Африка мора да се доживее, но не оние познати туристички дестинации со песок, плажи и рајски места, туку земјите кои се срцето и душата на континентот.

milosh-boev-rabotev-vo-etiopija-8-meseci-kako-gradezhen-inzhener-sakav-da-se-vratam-nazad-so-prviot-let-a-denes-bi-mozhel-da-zhiveam-tamu-10_copy.jpg

За животот во Етиопија, за стравовите, прекрасната природа, безбедноста како странец, за локалното население, календарот со 13 месеци и фактот дека во моментов таму е 2016-та година, Милош ни раскажа во разговорот:

Колку долго си во Африка? Како се случи твоето заминување таму?

Во Африка сум од ноември 2022 година и тоа е мое прво тет-а-тет соочување со неа. Но, зошто баш Етиопија, земја со 125 милиони жители и една од најнебезбедните земји во Африка? Сите, па и самиот јас се прашував зошто Етиопија?

За мене сите тие патувања, професионални или приватни, се ширење на видиците, интроспекција, промена, ментално созревање и непроценливо богатство.

Сè се случи сосема неочекувано, спонтано и кога ме повикаа за интервју бев апсолутно шокиран и полн со неверување, дали е навистина реално и дали сум подготвен да заминам. Иако долго време планирав да заминам од Македонија - не дека не е убава, туку поради моменталната ситуација и амбиентот кој преовладува.

Знам беше 1 септември 2022, а јас бев ангажиран како надзорен инженер на еден проект во Кавадарци кога ми заѕвони телефонот. Се јавувам и машки глас ми се претставува и ми вели: ‘Доставивте CV’, а јас веќе и заборавив за што станува збор и кога и каде сум го пратил моето CV.

Ми кажаа дека се израелско-швајцарска компанија која работи на проект во Етиопија и праша дали сум заинтересиран да одржиме интервју за позицијата градежен менаџер.

Во тој момент, апсолутно ми се измешаа сите чувства, сетила, не знаев каде се наоѓам. Колку и да ја имав таа желба да заминам некаде надвор, сепак Етиопија и Африка не беа мојот избор и таргет.

Реално, ги сакав земјите од Блискиот исток: ОАЕ, Катар, Бахреин, Саудиска Арабија, да работам и да уживам во тоа што се нуди таму.

Но, по долго размислување одлучив да дојдам во Етиопија, земја која навистина ми остави преубав впечаток, земја во која дефинитивно пораснав и созреав во сите животни фази, земја која е патоказ за моето понатамошно патување, уште поголемо созревање и како инженер и како личност, и земја која ми останува во едно преубаво сеќавање.

milosh-boev-rabotev-vo-etiopija-8-meseci-kako-gradezhen-inzhener-sakav-da-se-vratam-nazad-so-prviot-let-a-denes-bi-mozhel-da-zhiveam-tamu-02.jpg

Каде живееше во Етиопија? Каков ти беше првиот впечаток за земјата и колку тој се смени по 8 месеци поминати таму?

Има една позната песна од феноменалниот Влатко Стефановски чиј текст почнува со: „Шутка и Топаана имаат една мана, што не се во Индија“. Јас би кажал, Етиопија. Но, ова ќе го кажам во контекст дека им е многу поубаво што се во Скопје, затоа што во Етиопија ги доживеав и видов вистинските Шутка и Топаана.

Моето патување започна на 1 ноември 2022. Слетав на Bole International Airport во Адис Абаба, главниот град на Етиопија. Инаку Адис Абаба на ахмарик јазик значи „Ново цвеќе“, кое цвета во септември и велат дека е прекрасно. За жал, не успеав да го видам, зашто пристигнав во ноември, заминав на крајот на јуни.

Адис Абаба е град со околу 8 милиони жители и се наоѓа на 2.355m надморска височина, што го прави четврт највисок главен град во светот. Етиопија е најголема христијанска земја во светот, по Русија.

Локална валута е етиопски бирр. Во банка може да го замените 1 долар за 50-55 бирри, а „на црно“ ќе добиете дупло.

Мнозинството жители се христијани – православни се околу 65%, 30% се муслимани и има други религии.

Етиопија е земја на најубавото кафе и најголем производител на кафе во светот.

milosh-boev-rabotev-vo-etiopija-8-meseci-kako-gradezhen-inzhener-sakav-da-se-vratam-nazad-so-prviot-let-a-denes-bi-mozhel-da-zhiveam-tamu-31.jpg

За мене пристигнувањето во земјата беше вистински шок. Не можам да дефинирам сè уште дали позитивен или негативен, но беше магија. Уште во моментот кога се наоѓав на истанбулскиот аеродром, слободно можам да кажам дека бевме само 3-4 бели луѓе. Остатокот од полниот авион беше со луѓе од црна раса.

Немам никакви предрасуди, но никогаш претходно не сум видел толкав број црномурни луѓе на едно место. Буквално бев шокиран.

Излегувам од авион и се движам каде и сите. Одиме низ еден ходник, чиниш крај нема, слабо осветлен, лоша миризба. Стигнувам до шалтерот за пасошка контрола. Шалтер кој буквално се распаѓа.

Ми остави впечаток униформата на полицајците. Сите беа во тиркизно сина или дречливо виолетова боја. Тогаш си реков: „Гледаш не е сè така црно, има и колорит“. За влез во Етиопија и секоја африканска држава е потребна виза, а мене ми ја обезбеди компанијата.

Но, задолжителни се и вакцини. Јас ја примив таа за жолта треска. Во секоја земја во Африка е потребно да се вакцинирате. Нормално не требаат секаде истите, а за тоа која вакцина ви треба, информација можете да добиете во Институтот за јавно здравје во Белград.

Поминав пасошка контрола, преглед на сите документи и љубезно ми кажаа: Welcome to Ethiopia. Во истиот момент ме обзема некоја неудобност, тага, носталгија, очи полни солзи и си велам: „А, да си го земам багажот и да барам прв лет за назад?

Сè ми беше непознато. Ниту ѕидовите, ниту воздухот, ама буквално ништо не ме потсетуваше на мојата Македонија.

Си го зедов багажот и се движам кон излезот кај што треба да ме пречека Соломон, шоферот од компанијата. Движам, го нема. Стигам речиси до излезот, а од сите страни веќе ме напаѓаат локалци кои ми нудат разно-разни услуги околу багажот, за транспорт, за некаква „помош“, но сето тоа треба да се плати.

Го барам Соломон, ми вели: „Излези те чекам на паркингот“. Излегувам надвор и прво ме удира температурен шок, имаше 25 степени, а кога полетав од Скопје беше 10 степени.

Врвулица од луѓе, хаос, раздвиженост, едноставно лудило. Се движам по инструкциите и само се вртам и гледам лево-десно кој ми приоѓа.

Се наоѓаме со Соломон, кој во тој момент ми изгледаше како спасител. Се запознавме, прегрнaвме, ми посака срдечно добредојде.

milosh-boev-rabotev-vo-etiopija-8-meseci-kako-gradezhen-inzhener-sakav-da-se-vratam-nazad-so-prviot-let-a-denes-bi-mozhel-da-zhiveam-tamu-16.jpg

Се сместувам во комбето и возиме низ улиците на Адис Абаба - морничави, темни, пусти, нечисти, неосветлени. Стигнавме во хотелот во кој требаше да преспијам, персоналот прељубезен, гостопримлив. Го зедов клучот од собата, влегувам и си велам: „Денот по утрото се познава, ќе ја видиш околината и сè што те опкружува кога ќе станеш“.

Станувам, иако не можев да заспијам и гледам низ прозорец. Нов шок, неверување. Гледам еден апсолутен хаос, несреденост, истото она од синоќа.

Имав апсолутно помешани чувства, копнеж за Македонија, за најблиските. Адис Абаба во однос на среденост и архитектура е еден своевиден микс од секакви стилови. Се движам низ градот кој ми изгледа сосема поинаку од вчера. Дури имаше и делови кои како да не припаѓаат на тој град - широки улици, паркови, ланци на хотели, амбасади, шопинг центри.

Шетајќи низ градот, еден човек на улица ме праша од каде сум. Му велам „Македонија, поранешна Југославија“. А тој ми одговара: „Тито?

Инаку, Тито бил почесен гостин кој поминал две недели во палатата на последниот етиопски крал.

Во Адис Абаба во моментов масовно се гради, па би сакал да се вратам за едно 10 години за да го видам напредокот.

Се упатувам кон моето место на идно живеење и работење, Зивај (област Оромиј) на 200km од Адис Абаба на југ, област опкружена со четири големи езера, три со солена вода и едно со блага (Lake Ziway, Lake Langano, Abiata Lake и Shala Lake).

milosh-boev-rabotev-vo-etiopija-8-meseci-kako-gradezhen-inzhener-sakav-da-se-vratam-nazad-so-prviot-let-a-denes-bi-mozhel-da-zhiveam-tamu-73_copy.jpg

Бев сместен во камп, популарно наречен „Гостинска куќа“ - нископриземни куќи во кои за секој инженер имаше по една комплетно уредена соба. Во склоп на кампот имавме кантина каде ни приготвуваа јадење и тука ни беа и канцелариите.

Ме пречекаа 14 инженери и техничари од сите краишта на светот: Израел, Русија, ЈАР, Етиопија, Колумбија, Индија... Тројца прекрасни инженери и личности беа од Србија и тие мојот престој во Етиопија го направија многу полесен. За мое добредојде, ги понудив сите со домашна жолта ракија и македонско овчко сирење.

Но, сместувањето ми остави впечаток - од сите страни затворено со бетонска ограда, висока преку 2,5m и бодликава жица, на прозорецот од мојата соба решетки, 15 стражари на влез (полиција) која всушност е задолжена да нè чува и за момент се запрашав дали сум тука дојден на робија или мостови да правам.

Она што ме фасцинираше и што ми даваше некоја позитивна надеж и ведрина и дека не е така лошо, беше градината полна со разноразни цвеќиња, хибискус и птици кои беа преку 30 видови, но и мајмуни кои тука имаа живеалиште и кои секој ден ни приредуваа свое шоу.

Честопати си ги наоѓавме обувките или облеката закачени за некое дрво, но тоа е нивен свет, а ние сме принудно таму.

Звукот на птиците, мелодијата, џагорот, на секој од нас му даваше некоја позитивна енергија и мисла. Едноставно сфаќам дека буквално, во вистинска смисла на зборот, започнувам нов живот, нова етапа, живот во кој полека и сигурно ќе исчезнат сите навики кои сум ги имал дотогаш и минатото, дека ова е живот кој ќе го смени мојот поглед кон светот, начинот на размислување и согледување на нештата, живот кој ти вели „притисни рестарт“ за да ти биде покомотно и поубаво, да ја прифатиш реалноста која ти се сервира.

А тамошната реалност, тешко е да се опише.

milosh-boev-rabotev-vo-etiopija-8-meseci-kako-gradezhen-inzhener-sakav-da-se-vratam-nazad-so-prviot-let-a-denes-bi-mozhel-da-zhiveam-tamu-04_copy.jpg

Какво е локалното население? Колку се отворени за странци? Како реагираа на тебе?

За локалното население иако сме бела раса, за нив ние сме Кинези. Затоа што тоа се единствените странци коишто ги виделе во поголем број, па без разлика што сме апсолутно различни, за нив на прв впечаток сме Кинези.

Подоцна сфаќам зошто мислат дека сè што не е црно е Кинез - многу инфраструктурни проекти, многу фабрики се изградени токму од Кинези и постои нивна преголема застапеност во Етиопија.

Луѓето се многу гостопримливи, ведри, интересни и големи домаќини и секогаш насмеани, иако животот „ги шамара“ толку многу, што во многу наврати се имам запрашано: „Добро, што толку му имаат згрешено на Бога?

Живеат во трошни куќи направени од глина и сламарица, немаат струја, немаат вода за пиење. Типична етиопска куќа е во кружна форма, налик на кошница, која е поделена на неколку соби. На самиот влез живее добитокот, потоа имаат соба за гости, соба за родителите и за децата. Едно етиопско семејство има минимум 6-7 деца.

Почитуваат премногу вера и традиција, семејни вредности, религиозен народ се, но сепак малку се резервирани кон белиот свет. Духот им е воинствен, не се покорливи, се почитуваат и ценат себеси. Или си со нив и живееш со нив или, едноставно, местото не ти е во Етиопија.

milosh-boev-rabotev-vo-etiopija-8-meseci-kako-gradezhen-inzhener-sakav-da-se-vratam-nazad-so-prviot-let-a-denes-bi-mozhel-da-zhiveam-tamu-15.jpg

Продолжува на следната страница...



Би можело да ве интересира:

Милош Боев: „Работам во Нигерија како инженер - полиција со оружје ме чува 24/7, едвај се навикнав“ „И одењето во ноќен клуб е со режим за безбедност. Ми приоѓаа луѓе кои сакаат за...
Нина (25) од Скопје за животот во Унгарија: „Дојдов сама на 18 години, но би се вратила да живеам во... „На прашањето „Дали би се вратила ли да живеам во Македонија некогаш? искрено ќе...
Моделот Павле Николовски го посети Исланд: „Ручек во ресторан не е под 150 евра, најевтин бургер е 2... „Исланд е третата најскапа земја во светот, а цените се скоро 10 пати повисоки о...
Бранко Илиески за патувањето во Перу: „100 пати да се вратам на Мачу Пикчу, нема да ми биде здодевно... „Во Перу јадат и морски прасиња. Ги печат на жар, како во фурна. Секако дека про...
Ивана Угриновска за патувањето во Тајланд: „Сама возев мотор низ џунгла во 3 наутро“ „Секој сака да ужива во луксузни хотели, но јас сакам да искусам многу повеќе од...
Бев на одмор во Бари: Пиво ќе најдете и за 1,5 евра, но и комплет лежалки за 42 евра Постојат неколку начини од Скопје да се стигне до Бари - еден од нив е со авион ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg