Дарио и Коста отидоа на одмор во Будва со велосипеди: „Возевме од 8 до 10 часа на ден, оваа авантура нема да ја заборавиме“
- Детали
- понеделник, 07 август 2023
Уште една авантура се вбројува во патувачкото портфолио на Дарио Здравев и Коста Тахов од Велес. Тие секој слободен момент го поминуваат на своите велосипеди.
За CRNOBELO.com Дарио и Коста ни раскажуваат за нивната авантура надвор до границите на Македонија. Со поминати 1.100 километри ова е уште еден личен успех за нив двајца.
Разговорот со нив:
Дарио и Коста, неодамна се вративте од вашата велосипедска тура на релација Велес – Будва и назад. Постои ли некоја посебна причина зошто се одлучивте токму за оваа рута?
Од патувањето се вративме пред неколку денови, уште не сме свесни дека сме вратени. Сега се обидуваме да ги собереме мислите кои сè уште патуваат некаде.
Хм, зошто Будва? Затоа што никогаш не сме ја возеле Црна Гора.
Како течеа целокупните подготовки за ваков авантуристички чекор?
Имаме искуство со многу тури досега, така што веќе сме подготвени психофизички, останува само да се проверат велосипедите, опремата која ни е потребна и најважно проверка на пасош.
Имавме мали корекции и надополнувања на опремата, стандардна проверка на велосипедите и обнова на дел од опремата и облеката.
Како ви беше испланирана рутата? Кои места успеавте да ги посетите за овие две седмици?
Имавме на располагање 2 седмици. Ова време го испланиравме и организиравме така да стасаме до Будва и да се вратиме назад, да одмориме, прошетаме и секако да уживаме на плажа.
Ги посетивме Богомила, Прилеп, Битола, Струга, Елбасан, Тирана, Шкодер, Бар, Сутоморе, Будва, Цетиње, Котор и пештерата Липа.
По колку километри поминувавте дневно?
Возевме од 8-10 часа дневно. Обично на ден возевме од 80 до 180km. Во зависност од временските услови и елевацијата поставувавме дневна цел на возење.
Имаше делови од турата кои ги возевме во ноќ, поради условите и тежината на етапата. Најдолгата етапа ни беше Будва – Тирана долга 180km, која ја возевме 14 часа со кратки паузи за кафе, храна и одмор.
Може ли да споделите некои од највозбудливите и незаборавни моменти што ги доживеавте на патувањето?
Интересен дел од ова патување е пештерата Липа долга 2.4km која се наоѓа во Цетиње. Во најтоплиот ден одлучивме да ја посетивме, не знаејќи дека внатре температурата е 10 степени.
Интересно беше што дел од нас не само што не носеа топла облека која беше неопходна за да се влезе во пештерата, туку беа и во апостолки.
Проблеми и тешкотии немавме освен 2 дупнати гуми, но тоа не го сметаме за проблем, бидејќи го прифаќаме како дел од забавата и авантурата.
Посериозна тешкотија ни беше дефект во предно тркало кој се случи во Албанија. Проблемот го решивме така што стопиравме автомобили да ни дадат клуч кој моментално ни беше неопходен. Среќа еден човек од Тетово застана, ни помогна и ни понуди вода.