Блогерката Софија Јанева: „Бев на егзотично крстарење со крузер со 5.500 луѓе – какво искуство беше овој одмор?“
- Детали
- четврток, 06 јули 2023
„Бев на крстарење со крузер со 5.500 луѓе, од кои 1.500 беа персонал... Една ноќ имаше дожд, бранови и нишање на бродот, во неколку моменти дури морав да се придржам за ѕид и да пазам да не ми се истури пијалакот, но ова е тип на одмор кој им го препорачувам на сите авантуристи“, вели Софија Јанева за CRNOBELO.com.
Софија Јанева (29) од Скопје e девојка која обожава да патува, фотографира и ужива во животот. Таа е дипломиран економист и за неа маркетингот отсекогаш бил огромна пасија во животот, а во моментов раководи со маркетинг агенцијата „Niko Media“, а воедно е и фриленсер и блогер.
Неодамна таа беше на патување од 16 дена во кое ги посети Њујорк и Мајами, а потоа замина на 7-дневно крстарење, кое вклучуваше посета на Бахамските острови, Јамајка, Кајманските острови и Мексико.
За CRNOBELO.com Софија споделува детали за крстарењето:
Зошто крстарењето е одличен избор за летен одмор? Кои се позитивните и негативните страни?
Крстарењето е добар избор за летен одмор бидејќи им нуди на патниците можност да посетат повеќе дестинации за време на едно патување, додека уживаат во различни активности на бродот.
Ако уживате во идејата да бидете на голем брод со многу други патници, да посетите повеќе дестинации за кратко време и да имате сè што ви треба на едно место, тогаш крстарењето може да биде совршен одмор за вас.
Од друга страна, ако сакате приватност на патувањето и можност да истражувате по ваш терк, тогаш крстарењето можеби не е најдобар избор за вас.
Исто така сакам да напоменам дека крстарењето е активен одмор, односно секој ден има различна дестинација со различни активности, па затоа доколку сакате одмор составен исклучиво од седење на плажа или базен, крстарењето не е најдобра опција за вас.
Од каде се поаѓаше и колку дена траеше крстарењето, а колку дена целиот одмор?
Ние појдовме од пристаништето на Мајами и крстарењето траеше 7 дена, целиот одмор беше 16 дена.
Зошто Мајами е уникатно доживување?
Мајами, Флорида е посакувана туристичка дестинација поради прекрасните песочни плажи, ноќниот живот и топлата клима. Чувството кога се шетав по улиците со палми и мирис на море навистина е незаменливо!
Јас пораснав гледајќи ја серијата „CSI Miami“ на телевизија со моето семејство, па затоа бев пресреќна кога го видов овој прекрасен град со сопствени очи.
Кога зборуваме за ТВ емисии, Miami Beach се користи како локација за снимање на многу филмови и ТВ емисии, вклучувајќи ги и Scarface, Miami Vice и The Birdcage.
Поради тоа е и дом и на многу познати личности како Шакира, Џенифер Лопез, Рики Мартин и други.
Имавме можност да одиме на тура со мини бротче и да ги видиме куќите на овие познати личности, направив и кратко видео за да може да ги видите и вие...
Имаше ли некој патник мака со морска болест? Се чувствуваат ли брановите?
Јас лично не забележав некој да има морска болест, верувам дека тие што имаат не би се решиле да одат на вакво патување.
Брановите генерално не се чувствуваат, но имаше 2 дена кога врнеше и брановите беа прилично големи, па затоа бродот доста се нишаше. Имаше дури и неколку моменти кога морав да се придржам за ѕид или да пазам да не ми се истури пијалакот.
Најнемил настан на бродот, можеби турканица, губење на бродот итн.
За среќа, немаше немили настани бидејќи персоналот на бродот постојано се трудеше сè да се одвива како што треба.
Единствен настан (кој можеби не е поврзан конкретно со бродот) беше кога една вечер почна да врне дожд и да грми, па затоа имаше и доста бранови, тоа предизвика да има поголемо нишање на бродот од вообичаено, како што споменав погоре.
Зошто погледот од бродската кабина и тераса е незаменливо искуство?
Погледот од кабината кон навидум бесконечниот океан никогаш нема да го заборавам. Навистина има посебна магија.