Блогерката Софија Јанева: „Бев на егзотично крстарење со крузер со 5.500 луѓе – какво искуство беше овој одмор?“
Кои дестинации ги посети и која ти се допадна најмногу?
За само 16 дена ги посетив: Њујорк, Мајами, Бахамските острови, Јамајка, Кајманските острови и Мексико.
Секоја дестинација е уникатна на свој начин, па затоа не знам дали можам да одвојам само една којашто ми се допадна најмногу, но знам дека дефинитивно би се вратила повторно во Њујорк и Мајами.
Каде те дочекаа најубавите плажи? Какви се во споредба со Грција? Што е поинаку?
Најубавите плажи беа на приватниот остров Ocean Cay на Бахамите. Имено Бахамите се познати по своите неверојатни плажи, кристално чистите води и морскиот свет.
Без разлика дали сакате да се опуштите на лежалка, да пливате во морето или да го истражите морскиот свет на островот, има по нешто за секого.
За разлика од Грција, плажите на Бахамите се „диви“ со изобилство на риби и морски свет, а тука спаѓаат и ајкулите.
Поради тоа треба многу да се пази додека се плива на овие плажи и да не се оди во многу длабоко.
Каде имаше најмногу инсекти, каде најголема сиромаштија, а каде со задоволство би се вратила повторно?
Немаше воопшто комарци, но затоа видовме најразлични видови на гуштери, игуани, папагали и други тропски животни.
Најголема сиромаштија има на Јамајка, во принцип нивната просечна плата е помала и од нашата (околу 300 евра месечно), но за чудо населението е екстремно среќно и задоволно. Постојано наидувавме на луѓе што пеат на улица или се смеат.
Каков тип на забава имаше на крузерот?
На крузерот имаше многу различни типови на забава почнувајќи од тематски вечери, театар, кабаре, музички перформанси, казино, ноќен клуб…
Колку патници имаше, а колку вработени? Како е организирано сето тоа, личи ли на мини град?
Нашиот брод собираше околу 5.500 патници од кои 1.500 се персонал. Поради големиот број на вработени, сè во бродот е екстремно чисто и средено.
Кабините ги чистат секој ден, а интересен факт е што секоја кабина има телефонски број од менаџер, па во секое време може да се јавите доколку ви притреба нешто.
Ако размислиме поубаво, бродот навистина наликува на мал град.
Трае ли долго влегувањето/излегувањето од бродот? Има ли некаков тип на идентификација?
Излегувањето и влегувањето на бродот обично трае околу 20-30 минути бидејќи на неколку наврати ги проверуваат вашите лични податоци, а исто така сè поминува и низ скенер (каде се проверува дали некој носи оружје или илегални супстанции).
Првиот впечаток за Јамајка?
Јамајка ми остави одличен прв впечаток. Mузиката е длабоко вкоренета во јамајканската култура и доколку го посетите овој остров ќе слушате музика во живо каде и да одите.
Плажите се со жолт песок и високи палми и нема никогаш да ги заборавам и се надевам дека повторно ќе го посетам овој остров.