Драган од Скопје за животот на Флорида: „Луѓето во Тампа се прељубезни, полицаец ми ја подари својата значка“
- Детали
- среда, 29 ноември 2023
„Луѓето на Флорида знаат да почнат разговор со вас иако не ве познаваат, да ве прашаат како ви поминува денот или, доколку имате куче или некој миленик, нив им е природно да си застанат да си поразговараат со вас. И покрај тоа, ми фали кафето со пријателите во Скопје“, вели Драган Поповски, кој често оди во САД и досега посетил околу 50 градови.
Драган Поповски (37) од Скопје е дипломиран социолог и магистер по европски студии за интеграција.
Тој периодов работи како проектен координатор во Центар за европски стратегии, на два проекта за прекугранична соработка со соседите, поддржани од Канадската амбасада и од Чешката амбасада во Скопје.
Поради флексибилноста која му ја овозможува работата во граѓанскиот сектор, по завршувањето на секој проект оди во посета на САД, а тоа, вели, е буквално на секои 6 месеци.
Во разговор за CRNOBELO.com, Драган ни раскажа дел од своите искуства поврзани со животот во САД:
„Честата посета на САД ми овозможи да видам над 50 градови – од Њујорк, преку Тампа на Флорида, па сè до Атланта во Џорџија.
Менхетен ми остави еден од најубавите впечатоци бидејќи, искрено, не очекував да видам толку уредени дрвореди и паркови. Иако Централ Парк е посебен и единствен, мора да кажам дека новопроектираниот Little Island, е исто така импресивен.
Тој е проектиран на повеќе бетонски платформи во форма на лалиња и врз нив има огромен парк кој се издига над самата вода, па така посетителите можат да седнат на кафе и да ги видат и Менхетен и Њу Џерси од едно место, и во нивната природна средина.
Меѓутоа, и покрај тоа што постојано посетувам по неколку градови, секогаш по неколку месеци се задржувам во Тампа, Флорида, каде што живеат моите роднини.
За разлика од Менхетен, каде што сите брзаат, на Флорида луѓето се посрдечни.
Првиот пат кога бев таму и не забележав колку се срдечни. Додека џогирав мислев дека сите се поздравуваат едни со други бидејќи се соседи.
Меѓутоа, откако се оддалечив на неколку километри од првичната локација, а тие и понатаму се поздравуваа, сфатив дека тоа е поради нивната љубезност.
Истото е и во продавниците и во кафетериите.
Луѓето знаат да почнат разговор со вас иако не ве познаваат, да ве прашаат како ви поминува денот или, доколку имате куче или некој миленик, нив им е природно да си застанат да си поразговараат со вас.
Освен жителите на Флорида, и жителите на сите јужни држави во САД се многу гостопримливи.
Посебен впечаток ми остави Гринвил во Јужна Каролина каде има цела улица само со уметнички галерии на самиот кеј на реката.
Не знам дали беа толку фини бидејќи беа уметници, но дури и да не купите некоја слика или нешто од тоа што го продаваат, неизбежно е да поразговарате со нив и тоа е често подолг муабет.
Па, додека сум во САД, мислам дека имам скоро сè.
Единствено што ми недостасува е кафето со пријателите, бидејќи Скопје има посебен шмек да можеш буквално веднаш да се договориш за кафе со пријателите и за половина час да се најдете некаде низ град или во парк.
Тука претежно работат по 9-10 часа и додека да си дојдат од работа, возат по околу 40-50 минути.
Кафулињата, пак, затвораат во 18 часот (со исклучок на Starbucks и Tim Hortons).
Но, интересно е што сите се многу комуникативни и сакаат да ти излезат во пресрет, па дури и ако порачаш некаде кафе, иако го нема на менито, тие пробуваат да ти го направат.
Американците најчесто пијат филтер кафе или американо, а јас порачувам фредо еспресо, кое ми го прават без проблем.
Тука постојано се случува нешто интересно, а најинтересна случка што сум ја доживеал во Тампа беше кога добив полициска значка.
Барав некој сувенир што ќе асоцира на CSI: Miami, и тоа на кантри концерт.
Настанот беше со силно обезбедување, па случајно прашав еден полицаец каде можам да најдам сувенир со лого од CSI. Бидејќи скоро сè беше затворено, тој ми даде challenge coin - метална значка од полицијата на Тампа, која најчесто ја разменуваат шерифите, со лого од шампионите на хокеј The Bolts.
Тампа е одлично туристичко место бидејќи има излез на Мексиканскиот залив и сите плажи се во близина - Clearwater, Indian Rocks, St.Petersburg, Dunedin, Honemoon Island, Ann Marie и најубавиот остров Caladesi.
Сепак, колку и да се пријатни и пријателски расположени, луѓето во Тампа дружењето го оставаат за викенди или за празници и токму тоа од Македонија најмногу ми недостига кога сум во САД.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
A. J. | Црнобело