„Го посетив националниот парк Тет во Албанија - на 10 часа возење од Скопје со автобус ќе имате чувство дека сте на Алпите“
- Детали
- сабота, 17 јуни 2023
„Највоодушевувачка ми беше самата местоположба и релјефот на националниот парк, затоа што се наоѓавме во еден вид кратер, па на која страна и да се свртевме, бевме опкружени со планини. Би го споредил овој национален парк со некое место на Алпите, цело време имате некое такво нереално чувство дека не се наоѓате во Албанија“, вели Александар Петрески за CRNOBELO.com и ни раскажа за патувањето во националниот парк Тет.
Александар Петрески (32) од Скопје неодамна беше на возбудливо и уникатно патување во националниот парк Тет во Албанија.
Вели, самиот национален парк би го споредил со Алпите и им препорачува на сите што сакаат авантури и природа да го посетат.
За CRNOBELO.com, Александар откри интересни детали за патувањето.
„Бевме сместени во Thethi Paradise, туристички комплекс составен од бунгалови и куќарки, а кој се наоѓа во националниот парк Тет во Албанија.
Имавме тридневна агенда која почнуваше со поаѓање од Скопје во 10 часот наутро, а пристигнавме таму по 10 часа, во 20 часот навечер.
Ова, според мене, беше најнапорниот дел од целата тура, бидејќи моравме да поминеме 10 часа во автобус во еден правец.
По пристигнувањето следуваше вечера која за кратко време премина во караоке забава со која го заокруживме првиот ден.
Следниот ден целта ни беше да ги посетиме езерото Blue Eye и водопадот во Тет.
Последниот ден беше планиран за враќање во Скопје.
Пешачењето низ националниот парк е лесно.
Не е потребна некоја посебна опрема за планинарење бидејќи патеката е релативно рамна со неколку стрмни делови.
Но, препорачливо е да се носат планинарски чизми затоа што пределот е карпест, а времетраењето на турата е околу 5 часа.