Катерина живее на Малта: „Ја напуштивме Македонија со две мали деца, воопшто не беше лесно“
Како вас ве прифатија родителите на другарчињата од градинка и училиште на вашите деца?
Како што веќе кажав Малтежаните не се луѓе што прават дискриминација над странците можеби поради тоа што е туристичко место и постојано се опкружени со странци.
Иако Огнен Георги сега почна претшколска во училиште, со некои од родителите од градинка сме сè уште во контакт и се дружиме.
Живеете покрај море... Дали децата се разболуваат поретко отколку во Македонија? Има ли ова некакво влијание климата?
Секако дека има придобивки од морето и од климата.
Настинки има и децата се разболуваат, но поретко, единствено нешто што повеќето деца патат за време на зимскиот период се алергиите поради топлата клима.
Но, од почетокот на јуни, кога ја отвораме сезоната за на плажа, па сè до крајот на октомври нема никакви настинки, ниту вируси.
Како им функционираат градинките/училиштата? Што ти се допаѓа, а што не?
Градинките во Малта се приватни и се бесплатни, само доколку двајцата родители се вработени. Доколку е вработен само едниот од нив, тогаш градинката е луксуз и се скапи.
Училиштата се поделени на државни, приватни и црковни училишта. Најмногу ми се допаѓа што во училиштата нема поделба кај децата, односно заедно учат деца без и деца со попреченост.
Со тоа уште од мали децата се учат да ги прифатат разликите и да не дискриминираат.
Тоа што не ми се допаѓа е што децата постојано учат преку игри и не го сфаќаат училиштето како сериозна установа и учењето како обврска.
Колку вам ви беше тешко да се снајдете со работа? Што работите моментално?
Во Малта пристигнавме со веќе најдена работа и тоа ни беше од големо олеснување.
Мојот сопруг работи како ресторан менаџер во „Step in“ ресторанот, а јас работам во маркетот „Step ’n’ Shop“.
Долови ни ја атмосферата од главниот град… Што од таму би посакале во Македонија?
Главниот град Валета е еден од најавтентичните градови на Малта, со старите малтешки градби и тесни улици.
Секогаш е полн со туристи и улични артисти. Највеќе е раздвижен за време на карневалот во Малта.
Единствено нешто што би го посакала во Македонија е чистотата на градот, кој и покрај толку раздвиженост е уреден и нема отпад наоколу.
Какво темпо на живот водат локалците? Имаат ли интересни навики од секојдневието?
Темпото на живот во Малта е слично како и во Македонија. Не можам да кажам дека е некое брзо темпо на живот, сè е умерено.
Под интересни навики, би ги издвоила украсувањата на градовите за нивните, фешти“ кога слават и возвишуваат некој светец.
Секој град има по 2 фешти и луѓето се поделени, па секој мора да одбере една.
Исто така, за Велигден насекаде на куќите имаат ставено светлечки крстови. Тоа се тие интересни навики и обичаи што ги имаат Малтежаните, а кои не се вообичаени за нас.