Катерина живее на Малта: „Ја напуштивме Македонија со две мали деца, воопшто не беше лесно“
- Детали
- вторник, 25 април 2023
„За Малта заминавме со 2 деца, Петар (6) и Огнен Георги (1) и не можам да кажам дека беше лесно. Во оваа држава на еден дел живеат Балканци, на друг дел Арапи, на трет Малтежани... Но, местото каде што живееме ние Зуриек е дел со претежно малтешка популација...“, раскажува Катерина Величковски (30) од Велес за CRNOBELO.com.
Катерина Величковски (30) од Велес со сопругот и двете деца живее на Малта. За првпат искусила како изгледа животот во оваа земја во 2015 година, а од 2020 година таа Малта ја нарекува свој дом.
Живеат во малото гратче Зуриек, а нејзините деца се во одделенија со Малтежани и Катерина вели дека не постои никаква дискриминација.
Таа ја споделува својата животна приказна за CRNOBELO.com:
Зошто токму Малта? Од каде оваа идеја?
Ја одбравме Малта како дестинација за одмор после свадбата, каде останавме 5 месеци, но по низа околности се вративме во Македонија.
Во Македонија бевме сè до 2020, кога одлучивме повторно да се вратиме во Малта.
Дојдовме само на одмор, но се заљубивме во нејзината клима, чистото море и мирољубивиот народ. Тоа се само дел од работите што нè привлекоа да ја одбереме Малта како место за живеење, кога решивме да ја напуштиме Македонија.
Како реагираа вашите семејства кога донесовте одлука за преселба таму?
Со оглед на тоа што насекаде околу нас владееше корона вирусот и пандемијата нашите семејства беа малку загрижени и баш не беа среќни поради нашата одлука, но секогаш нè поддржуваа.
Заминавте со две дечиња таму, колку беше тешко? Како се адаптираа тие и имаа ли проблем со јазикот?
Да, дојдовме со 2 деца, Петар (6) и Огнен Георги (1) и не можам да кажам дека беше лесно.
Имавме тешкотии со оглед на тоа што и двајцата моравме да работиме, а немавме никој да ни помогне. Но, по неколку месеци од кога стасавме на островот, Петар тргна на училиште, а Огнен во градинка.
Адаптацијата на Петар беше малку потешка со оглед на тоа што зад себе ги остави бабите, дедовците, своите другарчиња, додека Огнен Георги беше сè уште мал и не разбираше ништо.
Со оглед на тоа што Малта е двојазична, се зборува малтешки и англиски јазик, немавме некои тешкотии со јазикот.
Поради тоа што децата од мала возраст се среќаваат со англискиот јазик, тој не беше целосно непознат за Петар. По пристигнувањето на Малта за неколку месеци почна да го присвојува и да зборува, за малтешкиот требаше малку повеќе време, односно околу 1 година со оглед на тоа што е доста тежок јазик, сосема непознат за нас (сличен е на арапскиот).
Како ги прифатија другарчињата? Има ли други дојденци? Има ли поделби?
Малта е поделена како на реони. На еден дел живеат Балканци, на друг дел Арапи, на трет Малтежани итн.
Местото каде што живееме Зуриек е дел со претежно малтешка популација. Петар беше првото дете дојденец како во класот и во училиштето, така и во фудбалскиот клуб каде што тренира.
И Огнен Георги беше првиот „странец“ во градинката. Но, немаше никакви дискриминации, беа супер прифатени од целата околина.
На Петар наставниците постојано му помагаа и постојано го прашуваа за неговата земја за јазикот и сл. Исто така, и супер беше прифатен од другарчињата.
На Малта нема некоја посебна дискриминација, луѓето се делат на добри и лоши, а не по нации.