Храна со навидум неограничен рок на траење на која ѝ се менува вкусот ако ја чувате многу долго
Ни се чини дека конзервираниот зеленчук може да трае вечно ако не е отворен. Ова е донекаде точно, но по околу пет години ќе забележите промена во вкусот.
Некои намирници имаат навистина долг рок на траење – неколку месеци, па дури и години.
Сепак, на повеќето од овие намирници ќе им се промени вкусот по извесен период, без разлика што се добри за јадење.
Која храна спаѓа овде и по колку време ѝ се променува вкусот?
Интегрален ориз
Интегралниот ориз може да биде поздрава опција од белиот, но имајте на ум дека ако го чувате многу долго, неговиот вкус ќе се промени.
Штом ќе го отворите, интегралниот ориз ќе има добар вкус околу шест месеци.
Од друга страна, вкусот на белиот ориз нема да се промени барем две години.
Лук
За разлика од другите зеленчуци, лукот има навистина долг рок на траење.
Но, штом ќе почнат да никнуваат зелени ливчиња, неговиот вкус е веќе променет.
Сепак, можете да го искористите и овој лук ако ливчињата не се многу големи - пресечете го чешнето на половина и само отстранете го зелениот дел.
Ако, пак, сакате да му го продолжите рокот на траење уште малку, чувајте го на студено, темно место во хартиена кеса.
Избегнувајте да го чувате во најлонски кеси или затворени кутии бидејќи брзо ќе почне да скапува.
Конзервиран зеленчук
Иако имаме перцепција дека конзервираната храна трае цела вечност, со текот на времето нејзиниот вкус сепак се менува.
Доколку конзервата (или теглата) не е отворена, храната ќе биде добра за јадење со години, но сепак ќе забележите разлика во вкусот.
Кај покиселата конзервирана храна, како кисели краставички, вкусот почнува да се менува по 18-тина месеци.
Храната со помала киселост, како пченка, може да го задржи истиот вкус и до пет години.
Замрзнато овошје
Штом овошјето е замрзнато, не може да се расипе, но по околу осум месеци, неговиот вкус почнува да се менува.
Долгото чување во замрзнувач ја променува и текстурата на овошјето.
Маслиново масло
„Старото“ маслиново масло нема да ви предизвика никакви проблеми, но дефинитивно ќе забележите промена во неговиот вкус.
Штом ќе го отворите, препорачливо е да го употребите маслото во рок од околу шест месеци.
Ако ретко консумирате маслиново масло, најисплатливо ви е да купувате мали шишиња.