Тајните за добар ајвар од мојата баба: „Кога ги бањав пиперките, ме караше – така ќе бил горчлив и жив“

Таткото и дедото печат пиперки, мајката ги учи децата како се лупат пиперките и ги кара за секоја оставена семка, а бабата е шефот на целата кулинарска операција. Кои се тајните на мојата баба за вкусен ајвар? Вие споделете ги вашите тајни... 

tajnite-za-dobar-ajvar-od-mojata-baba-koga-gi-banjav-piperkite-me-karashe-taka-kje-bil-gorchliv-i-zhiv-01.jpg

Есента е време кога речиси секое македонско доманќинство ја пали старата печка, купува многу црвени пиперки и со заеднички сили се прави највкусниот ајвар, сржта на македонската кујна.

Секој во семејството има своја улога во подготвувањето ајвар. Долги часови миење, печење, лупење, мелење и пржење, макотрпна работа, но целиот труд се исплати кога во ладното зимско утро ќе се појадува свеж леб со ајвар, наросен со сиренце и топла шолја планински чај со мед.

Таткото и дедото печат пиперки, мајката ги учи децата како се лупат пиперките и ги кара за секоја оставена семка, а бабата е шефот на целата кулинарска операција, задолжена за пржење на ајварот и постојано потсетување дека токму таа ја прави најдобрата зимница во цело маало.

tajnite-za-dobar-ajvar-od-mojata-baba-koga-gi-banjav-piperkite-me-karashe-taka-kje-bil-gorchliv-i-zhiv-10.jpg

И соседите доаѓаат на помош, тешко се лупат стотина килограми пиперки, а за помошта се заблагодаруваат со кафе, ракија и комшиски муабети, и да, секако тегла ајвар кога е готов.

Ајварот е симбол на Македонија, не постои Македонец кој не го обожува и странски гостин кој не го вкусил и не посакал тегла за дома. Во секој македонски подрум има по десетина тегли, а секоја домаќинка си има свој таен рецепт за овој наш деликатес со светска слава.

Иако основата секако се црвените пиперки, секоја баба си има свои тајни, кои ги пренесува на својата ќерка, снаа или внука, за семејството да ја продолжи старата македонска традиција.

Ова се тајните на мојата баба, која е задолжена за зимницата во нашето семејство, набљудувајќи го секој наш чекор, постојано пробувајќи да не недостасува сол или масло, и секако, не смее да се препржи.

Правилно печени пиперки за да не горчи ајварот

Секој чекор од целиот долг процес на правење ајвар е поеднакво важен, од купувањето на пиперките, печењето и пржењето.

Но, за биде ајварот да биде „прсти да излижеш“, тогаш најдобри се пиперките познати меѓу народот како ајварка, да бидат малку сплоснати, зошто така поубаво и порамномерно се печат.

Но, клучот е добро печење на пиперките, но и нивно цедење од сокот кој го испуштаат. Со самото цедење, се намалува времето на пржење.

Исто така многу е важно пиперките да не бидат изгорени бидејќи во спротивно, тврди баба ми, ајварот ќе горчи и никој нема да го јаде.

tajnite-za-dobar-ajvar-od-mojata-baba-koga-gi-banjav-piperkite-me-karashe-taka-kje-bil-gorchliv-i-zhiv-05.jpg

Не ги бањајте пиперките

Како мала секогаш се врткав кога се правеше ајвар, посебно кога се лупеа пиперките, сакав да помогнам, да бидам и јас како големите.

Но, чистењето на семките е тешка работа, па јас, ги бањав во малиот пластичен сад со вода, во кој само требаше да ги чистам своите прсти, а не целите пиперки.

Се сеќавам, баба ми ме караше и ми велеше дека поради тоа ајварот ќе виде горчлив и жив!

Таа додава дека најдобро е после лупењето да останат цела ноќ во решетки за цедење, и да се сомелат следното утро.

tajnite-za-dobar-ajvar-od-mojata-baba-koga-gi-banjav-piperkite-me-karashe-taka-kje-bil-gorchliv-i-zhiv-07.jpg

Многу мешање

Откако целиот пипер ќе се излупи и измеле, тогаш е ред на пржењето. Тоа е крајот на целиот процес. Според зборовите на баба, треба да се пржи околу два-три часа со постојано мешање да не загори.

При пржењето треба да се внимава и со маслото за јадење, да не биде многу, а совршениот сооднос е еден литар масло на 10 килограми пиперки. Секако, ова зависи од рецептот на секое домаќинство, кај нас е така.

tajnite-za-dobar-ajvar-od-mojata-baba-koga-gi-banjav-piperkite-me-karashe-taka-kje-bil-gorchliv-i-zhiv-04.jpg

Бакарни тенџериња

За ајварот да има посебен шмек и вкус истиот треба да се пржи во тенџере направено од бакар или како што баба ми ја вика шерпа.

Според неа, тоа го прави уште повкусен и е традиција оставена од нејзината мајка.

Луто пиперче

Добриот ајвар, вели таа, мора малку да налутнува, па кога се купува пиперот секогаш бара и неколку навистина лути пиперки.

Ајварот кој налутува според неа е вистинскиот македонски ајвар. И додека многу домаќинки ставаат и модри патлиџани, ајварот на баба е само од црвени пиперки.

tajnite-za-dobar-ajvar-od-mojata-baba-koga-gi-banjav-piperkite-me-karashe-taka-kje-bil-gorchliv-i-zhiv-08.jpg

Неколку мали ситници и навидум небитни совети можат навистина да влијаат врз вкусот на ајварот.

А секако, главната тајна за подготовка на „македонскиот кавијар“ е љубовта, бидејќи неговата подготовка е собир за целото семејство.

tajnite-za-dobar-ajvar-od-mojata-baba-koga-gi-banjav-piperkite-me-karashe-taka-kje-bil-gorchliv-i-zhiv-09.jpg

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

И. Ј. | Црнобело / фото: depositphotos.com

Би можело да ве интересира:

Совети со кои ќе ги избегнете грешките кога правите ориз Важно е да го измиете оризот пред готвење и никако немојте да го мешате додека г...
Кулинарски трикови од професионални готвачи што ќе ве направат експерт во кујна Пред да печете зеленчук, загрејте ја тавата во рерната. Кога, пак, варите ориз, ...
Што да јадете во секоја деценија од животот за да ги задржите младешкиот изглед и здравјето? Во 20-тите и 30-тите години од животот, важно е да се фокусирате на мускулната м...
Кулинарски грешки што ги прават и експерти во кујна (ги менуваат вкусот и текстурата) Го варите пилешкото на многу висока температура и го заборавате брашното кога пр...
Кулинарски грешки поради кои не ви успеваат ни едноставните рецепти Ако палачинките ви излегуваат тегави, тогаш најверојатно многу го матите тестото...
8 продукти кои (најчесто) ги миеме погрешно Дали знаете како правилно се мие зелката? Или пак, јаболката? Прочитајте дали ја...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg