Калинка, мандарина и тиква - вашите најголеми есенски сојузници
Есента изобилува со навистина вкусни овошја кои освен што се хранливи, се и многу здрави за вас. А можете ли да си замислите есен без калинка, мандарина и тиква?
Зошто да ги консумирате?
Мандарина
Најголемиот дел од сортите на мандарините се благи, сочни и немаат семки. Постојат и неколку сорти со семки, кои имаат исклучителен вкус, иако луѓето ги избегнуваат. Созреваат во есен и ги има и во текот на зимата.
Во 100 грама свежи мандарини има 53 калории, 13,3% јаглехидрати и занемарливи количини на протеини и масти. Во мандарините има и калциум, железо, магнезиум, фосфор, цинк, бакар, манган, потоа витамини А, Б6 и Ц, растителни влакна и каротеноиди.
Ова вкусно овошје помага во намалување на холестеролот, смирување на симптомите на иритирано дебело црево, подобрување на работата на дигестивниот систем и го стимулира метаболизмот.
Тиква
Печена, варена, како прилог или како самостоен десерт, нема кој не ја сака есенската тиква.
Во Европа постојат многу сорти на тиква, од кои најголемиот дел се јадливи, а некои се користат и за сточна храна. Тиквата е преполна со витамини А, Б1, Б2, Б6, Ц, Е и К, фосфати, калциум, железо, пектини, целулоза, бета-каротен и сето тоа со ниска енергетска вредност од 26 калории на 100 грама.
Одлична храна е за оние кои се на диета, како и за дијабетичарите, хронично болните од дигестивни проблеми, како и за намалување на ризикот од канцерогени заболувања.
Дополнително, од повеќе видови може да се јадат и семките, кои имаат висока енергетска и нутритивна вредност.
Калинка
Калинките се познати како овошје со голем бенефит за здравјето. Тие се симбол на здравје, плодност и одново раѓање.
Редовното консумирање го подобрува кардиоваскуларниот систем, ги обновува 'рскавичните ткива, го регулира крвниот притисок, а кај мажите има особен бенефит врз простатата.
Калинките содржат витамин Ц, фолна киселина, калиум, полифеноли, а споредено со брусницата, портокалите и зелениот чај, има многу повеќе антиоксиданси.
Можете да ги јадете црвените зрнца, или пак да подготвите свежо исцеден сок.
Е. Д. | Црнобело