Сезона на мускатна тиква – слатка, путереста и одлична за здравјето
„Македонската банана“ ќе ја пронајдете со неколку имиња – мускатна, долгнавеста, путерна, мирислива, шеќерна тиква. Видот има крушовидна форма, светло портокалова боја, исполнета со слатко и сочно „месо“.
Од сите видови на тикви, оваа е најдобра за подготовка на пити и колачи, како и солени јадења и крем-чорби.
А нема да погрешите доколку едноставно ја испечете со малку цимет и кафеав шеќер, така е и највкусна.
Англиското име (Butternut Squash) упатува на нејзиниот путерест фактор и истата е одличен извор на растителни влакна, калиум и уште многу други корисни хранливи материи.
205 gr зготвена тиква содржи:
- Само 82 калории
- 1.8 gr протеин
- 0.18 gr маснотии
- 21.5 gr јаглени хидрати, од кои 4 gr шеќер и 6.6 gr растителни влакна.
- 84 mg калциум
- 1.23 mg железо
- 59 mg магнезиум
- 55 mg фосфор
- 31 mg витамин Ц и
- 1144 mcg витамин А.
(*Имајте предвид дека препорачаната дневна доза витамин А за мажи изнесува 900 mcg дневно, а за жени 700 mcg).
Мускатната тиква, исто така, е одличен извор на витамин Е, витамин Б-6, фолна киселина и многу други хранливи материи.
Една шолја исечкана тиква на коцки ќе ви обезбеди 582 mg калиум, што е многу повеќе отколку количината која се содржи во 1 банана.
Здравствените придобивки од консумирањето на мускатната тиква се многубројни. Лесно ќе го намалите вишокот на килограми, а тиквата се покажува како одличен додаток во борбата против дијабетесот и срцевите заболувања.
Истовремено, ја подобрува структурата на кожата давајќи ѝ еластичност и сјај и ја зголемува енергијата.
Сезона на тикви – зарем има нешто послатко, поздраво и повкусно?
(О)Милена | Црнобело