Совети од нутриционисти: Што да грицкате додека следите Светско првенство?
Гледањето фудбал пред малите екрани е незамисливо без вкусна закуска и пијалак на масата, зар не? Mеѓутоа, нека ви биде на ум дека летото само што пристигна.
Сите сакаат да ја зачуваат убавата линија пред годишниот одмор, ама некогаш би ги жртвувале месеците напорен труд за една кесичка чипс со вкус на скара.
Меѓу таквите специјални пригоди е следењето на Светско првенство. Секојдневно се на програмата повеќе натпревари, а има ли нешто подобро од гледањето фудбал со грицки и ладно пиво?
Помераклиско – не, но поздраво – секако да. За љубителите на пици, мезиња и соленки, лошата вест е дека летото веќе започна, а сезоната на бикини и официјално е отворена.
Нутриционистите и фитнес тренерите предлагаат неколку алтернативи, за оние што не умеат да ја скротат гладта дури се пред малите екрани, а не би им било сеедно ова да одрази на нивната телесна тежина.
Еве што може да грицкате за време на Светско првенство:
Чипс од јаболка
Ваквиот чипс е достапен на полиците во супермаркетите, а лесно може и сами да си го подготвите во рерна. Штом почнете да го консумирате, буквално ќе ве зарази со вкусот. Притоа, неговата калориска вредност е многу пониска од кој било друг чипс. Па, претставува најдобрата алтернатива кога сакате нешто да грицнете.
Сушени банани
Ништо полош не е ни чипсот од банани како опција. Факт е дека содржи повеќе шеќери и јаглехидрати, но е далеку подобар избор од зачинетите и солени чипсови. Сушените банани се тврди, па подолго се џвакаат, а со тоа и мошне брзо ќе ве заситат.
Кикирики
Најдобра варијанта се кикириките со лушпа. Така ќе имате двојна занимација – да ги чистите и да ги јадете. Ако, пак, имате апетит за понездрава верзија, предлогот на нутриционистите се печени кикирики без сол. Знаевте ли и дека пиво и кикирики се идеална комбинација по вежбање?
Пуканки
Тие по правило не содржат премногу калории. Сепак, доколку се решите за пуканки, тогаш гледајте да се најобични, односно без дополнителни вкусови. Најпаметно е да си ги приготвите дома, со малку масло и уште помалку сол.
М. А. | Црнобело