Кафеавиот ориз е поздрав од белиот и уште 7 погрешни митови за храна и слабеење
Ако сакате да ослабите, не секогаш треба да се фокусирате на тежината – кога целта ви е да изградите мускулна маса, може и воопшто да не ви се промени тежината, а телото да ви изгледа послабо и позатегнато.
Митови за храна и слабеење има безброј, а во некои од нив луѓето веруваат со децении.
Бројни верувања за оваа тема биле побиени со нови научни истражувања, а многу митови се прославиле без никаква научна поткрепа.
Дел од најчестите митови за храна и слабеење кои се лажни:
Мит 1: Треба да го избегнувате глутенот
Глутенот е вид протеин кој се наоѓа во храна како леб, тестенини и житарици.
Глутенот му е потребен на организмот и не е препорачливо да го избегнувате, освен ако немате алергија или нетолеранција на глутен.
Луѓето со нетолеранција обично чувствуваат симптоми како подуеност кога јадат храна со глутен, додека оние кои се алергични може да забележат и посериозни проблеми, како дијареја и болка во стомакот.
Но, немојте сами да си дијагностицирате нетолеранција или алергија на глутен – ако забележувате симптоми, одете на лекар кој ќе ви даде соодветна дијагноза.
Мит 2: Јаглехидратите и мастите се лоши и треба да јадете само протеини
Сигурно многупати досега сте слушнале дека треба да ги избегнувате, па и целосно да ги исфрлите јаглехидратите и мастите од исхраната бидејќи дебелеат. И, да јадете само храна со протеини.
Но, ова не е воопшто точно.
Ако јадете само храна со протеини, и тоа без никакви масти и јаглехидрати, во организмот ќе се јави недостатокот од бројни важни хранливи материи.
На пример, мастите се неопходни за апсорпција на одредени витамини, додека јаглехидратите му даваат енергија на телото, но и на мозокот.
Она што е важно е да се фокусирате на таканаречени здрави масти и да бидете умерени со јаглехидратите.
Мит 3: Луѓето со многу прекумерна тежина можат да ослабат лесно ако вежбаат и внимаваат на исхраната
Ако имате само неколку килограми вишок, релативно брзо можете да се ослободите од нив со правилна исхрана и физичка активност.
Но, ова не важи за луѓето со многу прекумерна тежина.
Најпрво, обично овие луѓе немаат кондиција и не можат да издржат исто интензивен тренинг како некој со само неколку килограми вишок.
Што значи, ќе треба да вежбаат многу подолг период за прво да си ја вратат кондицијата, па потоа да почнат да слабеат.
Покрај тоа, кога одеднаш ќе намалат со внесот на калории, телото нема да се адаптира веднаш, туку на почетокот може и да го забави метаболизмот.
Ова не значи дека треба да откажете од идејата за слабеење ако имате многу прекумерна тежина.
Туку, треба да бидете свесни дека процесот може да трае подолго, а вие само треба да бидете упорни и да не се обесхрабрувате ако на почетокот не гледате резултати.
Мит 4: Наглото слабеење не е опасно
Ако драстично го намалите внесот на калории и вежбате интензивно, секако дека брзо ќе видите резултати.
Но, ова не значи дека овој начин на слабеење е здрав.
Според експертите, не треба да ослабите повеќе од половина килограм неделно, односно два килограма месечно.
Во спротивно, на телото му создавате голем стрес и го зголемувате ризикот од низа здравствени проблеми.