3 начини за црвени велигденски јајца со природни бои (од намирници во вашата кујна)
Со само неколку состојки кои речиси секогаш ги имате во домот можете да направите црвени јајца на кои сите ќе ви завидуваат.
Велигден е на прагот. За неколку дена доаѓа Велики Четврток, денот кога во секој дом се вапсаат велигденските јајца.
По христијанските обичаи првото јајце, или уште наречено јајце чувар кое носи среќа во домот, треба да биде црвено.
Црвената боја на јајцата го симболизира страдањето на Исус, па затоа секоја домаќинка мора да ги обои првите јајца црвени за Велигден, а потоа во боите по нејзин избор.
Но, доколку не сакате вештачки бои, со само неколку состојки кои ги имате во кујна, може да ги обоите на природен начин.
3 начини за природно боење на црвени јајца:
Црвени јајца со лушпа од кромид
Пред Велигден соберете што повеќе лушпи од кромид (минимум од 2kg кромид). Користете и лушпи од црвен кромид.
Измијте и лушпите, ставете ги во тенџере и додадете 3/4 вода.
Ставете да се варат и додадете 2 лажици оцет. Варете 10 минути и оставете така да преноќат.
Во четврток наутро, отстранете ги лушпите и ставете ги јајцата да се варат во водата која попримила боја.
Откако ќе се сварат, оставете ги јајцата да се изладат во водата 2 часа, а кога ќе ги извадите премачкајте ги со масло за сјај.
Сок од вишна
Во тенџере истурете домашен сок од вишни или сируп од вишни. Додадете 1 лажица оцет и околу половина литар вода.
Ставете ги јајцата да се варат во мешавината од вода, сок од вишни и оцет.
Откако ќе се сварат, оставете да се оладат во водата и извадете ги, па премачкајте со масло.
Рендано цвекло
Излупете и изрендајте две поголеми цвекла.
На тивок оган ставете ги јајцата да се варат.
Истискајте го сокот од изренданото цвекло во еден длабок сад преку цедалка.
Бојата која ќе ја добиете растворете ја со 2 лажици оцет.
Откако ќе бидат варени јајцата ставете ги во садот каде што ја добивте бојата од исцеденото цвекло и увалкувајте ги.
Оставете ги во бојата 2 часа со повремено превртување.
В. К. | Црнобело