Со години правам бадниково лепче со паричка, меко како душа – вреди да го пробате рецептот
Одзема ли многу време да се замеси и да се испече лепче со паричка? Вреди ли сами да месите или сепак е подобро да отидете до продавница и да купите?
Лепче со паричка за Бадник може да се најде во секоја продавница или маркет, но традицијата вели дека тоа треба да се приготви дома.
Ова е мојот рецепт за лепче со паричка што го користам секоја година, успева секогаш, а не одзема премногу време.
Бадник отсекогаш, барем за мене, бил еден од најубавите празници. Тоа е денот кога домот мириса на прекрасна храна, семејството е на купче, а дополнително задоволство е и ако ми се падне паричката.
Па и на толку труд со готвење и месење, заслужувам нели?!
Во продолжение погледнете лесен рецепт за лепче со паричка, а одлуката е ваша дали ќе се обидете сами да го замесите или ќе одите да купите од продавница.
Сѐ на сѐ, за подготовка на лепчето потрошив малку повеќе од 2 часа, но со оглед на тоа што околу еден час од тоа време го поминав во чекање (да стаса тестото) успеав да се опуштам и да изгледам и некоја епизода од серијата.
Сепак вкусот и мирисот на домашно лепче е незаменлив, нели?
Еве како изгледаше процесот на подготовка:
Потребни состојки:
- 200ml млака вода
- 5g сол (мала рамна лажичка)
- 5g шеќер (мала рамна лажичка)
- 10g свеж квасец
- 450g брашно (дополнително за набрашнување на работната површина и плехот)
Начин на подготовка:
- Во длабок сад се става млака вода, а потоа се додава сол и шеќер. Се меша со лажица додека солта и шеќерот не се стопат.
- Во растворот се додава квасец и се меша додека не се добие еднаква смеса.
- Брашното се додава постепено во водата со квасецот и се меша, за да не се направат грутки.
- Се замесува меко тесто, кое не треба да се лепи на прстите.
- Замесеното тесто се посипува со малку брашно, се покрива со крпа и се остава да отстои 20-тина минути на собна температура.
- Тестото се вади на набрашнета површина.
- Паричката претходно се мие и се обложува со алуминиумска фолија и се вметнува во тестото кое потоа се обликува во форма на лепче.
- Готовото лепче се става на набрашнет плех и се остава да стаса околу 50 до 60 минути на собна температура.
- Во меѓувреме рерната се загрева на температура од 200 степени Целзиусови.
- Стасаното лепче се пече на температура од 200 степени околу 30 до 35 минути или додека не добие златно кафеава боја. Притоа, рерната треба да биде вклучена само со горен и долен грејач, без вентилатор.
- Откако ќе се испече лепчето, се покрива со чиста крпа и се остава да се олади.
Б. С. Б. | Црнобело