4 лесни рецепти за плескавички од компир, морков, цвекло и тиквици
Овие плескавици од зеленчук се идеални за ручек, а можете да ги послужите и како предјадење или мезе. Нивната основна состојка е компирот, а можете да ги менувате вкусовите со додавање морков, цвекло или тиквички.
Погледнете во продолжение како да ги подготвите овие вкусни плескавички без месо.
Потребни состојки (за основната смеса само со компири):
- 2 поголеми јајца
- Сол и црн бибер
- 1kg компири
- 2 главици кромид со средна големина
- 100g презла
- 8 големи лажици маслиново масло
Начин на подготовка:
- Во длабок сад се мешаат јајцата, 1 голема лажица сол и ¼ кафена лажица црн бибер.
- Во процесор за храна со крупно ренде (или од крупната страна на рачно ренде) се рендаат компирите и кромидот
- Изренданиот зеленчук се додава во јајцата и се меша.
- Се додава презла и се меша додека не се добие изедначена смеса.
- Во тава со нелепливо дно се ставаат две големи лажици маслиново масло и се става да се загрее на средна температура.
- Се вади по една лажица од смесата со компири и се става да се пржи. Со лажица или со шпатула се порамнуваат за да добијат облик на плескавици.
- Плескавиците се пржат од двете стани додека не станат крцкави, околу 4 до 6 минути од секоја страна (зависно од плотната).
- Готовите плескавици се редат во чинија обложена со хартија за да се исцедат од маслото.
- Оваа постапка се повторува сè додека не се потроши целата смеса. По потреба може да се додава масло во тавата, а кога ќе се дојде при крај со смесата, вишокот течност се фрла.
Доколку сакате можете да пробате поинакви вкусови, ако додадете по половина цвекло, морков или тиквици.
Во тој случај, наместо 1kg компири, ќе ви биде потребно 500g компири и уште 500g моркови, цвекло или тиквици.
Важно е цвеклото, морковите или тиквичките да ги измиете и да ги излупите, а потоа се рендаат заедно со компирот и кромидот.
Постапката за подготовка на плескавиците е иста.
Б. С. Б. | Црнобело