5 едноставни сосови со кои ќе го подобрите вкусот на секое јадење
За да направите вкусен оброк не мора секогаш да трошите време и енергија со комплицирани рецепти.
Некогаш доволно е да направите сос кој значително ќе го подобри вкусот и на наједноставното јадење.
Па, погледнете неколку едноставни рецепти за домашни сосови кои можете да ги комбинирате со многу оброци:
Домашен табаско сос
Потребни состојки:
- 6 чили пиперчиња
- 4 домати
- Кромид
- 2 чешниња лук
- Маслиново масло
- Магдонос
- Малку шеќер
- 1 лажица оцет
- Сол и бибер
Начин на подготовка:
Отстранете ги семките од пиперчињата и исечкајте ги ситно, па оставете да отстојат во сад со жешка вода околу половина час. Излупете и исечкајте ги доматите, кромидот и лукот, па ставете ги во блендер заедно со пиперките. На тава загрејте малку масло, додајте ја блендираната смеса и исечканиот магдонос. Гответе додека сосот не стане густ. На крај додајте шеќер, оцет, сол и бибер.
Сос со лук и кашкавал
Потребни состојки:
- 100 грама тврд кашкавал
- 2 чешниња лук
- 100 милилитри хопла за готвење
- Сол и бибер по вкус
Начин на подготовка:
Изрендајте го кашкавалот, исечкајте го лукот многу ситно и измешајте го со кашкавалот во тава. Додајте хопла, сол и бибер. Ставете ја тавата на среден оган и мешајте постојано додека не добиете хомогена смеса. Слободно додајте повеќе кашкавал или лук според вашиот вкус.
Цацики
Потребни состојки:
- 250 милилитри павлака
- 40 грама магдонос
- 70 милилитри маслиново масло
- 2 лажици лимонов сок
- 1,5 лажици балсамико оцет
- Чешне лук
- Сол по вкус
Начин на подготовка:
Исечкајте го магдоносот, ставете ги сите состојки во блендер и блендирајте.
Сос од модар домат и ореви
Потребни состојки:
- 1 модар домат
- 3 лажици маслиново масло
- 2 лажици лимонов сок
- 1/3 шолја ореви
- Сол по вкус
Начин на подготовка:
Направете дупки во модриот домат со виљушка и испечете го во рерна. Исечкајте ги оревите, исечете го модриот домат на половина и со лажица одделете го од лушпата. Ставете ги сите состојки во блендер и блендирајте додека не добиете хомогена смеса.
Сос со цвекло и естрагон
Потребни состојки:
- 2 цвекла
- 3 лажици маслиново масло
- 150 грама козјо сирење
- 2/3 шолја естрагон
- Јаткасти плодови за декорација
Начин на подготовка:
Сварете го цвеклото и оставете го да се излади во водата во којашто го варевте. Исечкајте ги цвеклото и естрагонот, па ставете ги сите состојки во блендер. Ако сосот е многу густ, додајте малку од водата во којашто го варевте цвеклото.
Спирова С. | Црнобело