Брзо и вкусно: 3 рецепти за декоративни, солени топчиња
Изненадно ви доаѓаат гости или имате ограничени ресурси, а треба да подготвите вкусно и декоративно мезе?
Овие солени топчиња се вистинскиот избор за вас.
Се прават лесно и брзо, а со малку имагинација и минимум труд ќе бидат главни ѕвезди на трпезата. Подгответе солени топчиња во 3 варијанти:
Топчиња од спанаќ и сирење
Потребни состојки:
- 200 g горгонзола
- 50 g фета сирење
- 2 чешниња лук
- 200 g спанаќ
- 1 лажица кисела павлака
- Сол и бибер,
- Пармезан и лебни трошки за увалкување
Начин на подготовка:
1. Попарете го исчистениот спанаќ во врела вода и оставете сосема кратко да се свари. Процедете и ситно исечкајте го.
2. Помешајте го спанаќот со фета сирењето, додадете ја горгонзолата исечкана на ситни парченца, ситно сечканиот лук, павлаката и зачините. Со цел смесата да биде компактна и лесно да се обликува додадете лебни трошки.
3. Обликувајте топчиња и оставате ги во фрижидер добро да се стегнат, најмалку 2 часа или во замрзнувач, околу 1 час. Непосредно пред сервирање извалкајте ги топчињата во рендан пармезан.
Топчиња од туна и бадеми
Потребни состојки:
- 225 g свежо кравјо сирење
- Половина шолја туна од конзерва
- 50 g мајонез
- Босилек, рузмарин, бибер
- 100 g пржени бадеми или лешници (по избор)
Начин на подготовка:
1. Помешајте ја исцедената туна со сирењето и додадете мајонез, зачини и бибер по желба, додека смесата не добие густа текстура.
2. Обликуваните топчиња извалкајте ги во исечкани бадеми или лешници кои претходно малку сте ги пропржиле. Пред послужувањето оставете ги топчињата најмалку 1 час во фрижидерот да се стегнат.
Топчиња со сирење и сусам
Потребни состојки:
- 100 g крем-сирење
- 100 g кравјо сирење
- 50 g пармезан
- Сол и бибер по вкус
- 2 лажици сусам (може и интегрален, по желба)
Начин на подготовка:
1. Помешајте ги сите три видови на сирење заедно со зачините и обликувајте топчиња.
2. Сусамот може кратко да го пропржите, а потоа да ги покриете топчињата со него. По желба во смесата може да додадете и ајвар, мелени кикиритки и слично.
(О)Милена | Црнобело