„Лешник гнезда“ – рецепт за брзи, превкусни колачиња без печење
Готвењето понекогаш ни одзема премногу време, особено кога се потребни неколку часа за подготовка на слатки, вкусни десерти. Токму од овие причини ги обожаваме слатките деликатеси, односно ситните колачиња што се подготвуваат лесно и брзо и не се печат.
Препорачуваме да направите „лешник гнезда“:
Потребни состојки:
- 20 ml вода
- 200 gr шеќер
- 150 gr маргарин / путер
- 100 gr црно чоколадо за готвење
- 150 gr мелени печени лешници
- 250 gr мелени бисквити
- 150 gr мелени печени лешници (за валкање на колачињата)
- 150 gr крем по избор
Начин на подготовка:
1. Во подлабок сад за готвење ставете ја водата, шеќерот, чоколадото и путерот (маргаринот), а потоа мешајте на тивок оган додека течноста не проврие. Тргнете ја од шпоретот и веднаш додадете ги бисквитите и мелените лешници додека смесата е сè уште врела.
2. За да ја забрзате подготовката на смесата за гнездата, можете да ја ставите во замрзнувач. Веднаш штом добро ќе се излади и ќе почне да се стврднува, извадете ја и обликувањето на топчињата ќе биде полесно.
3. Кога смесата добро ќе се олади, обликувајте топчиња со влажни раце, извалкајте ги во мелен лешник и наредете ги врз хартија за печење на рамен сад. Со помош на дршката од дрвена лажица направете вдлабнатина во секое топче.
4. Кремот ставете го во шприц за готвење и наполнете ги гнездата со него. Оставете ги гнездата на ладно, добро да се оладат и стегнат.
(О)Милена | Црнобело