Пробајте ги со омилениот крем или мармалад: Германски мини палачинки
Самата помисла на палачинки ни создава глад во стомакот и желба да ја оближеме устата. Со крем, чоколаден прелив, свежо овошје, мед или мармалад - сите подеднакво ги обожаваме.
До пред неколку години апсолутен хит беа американските палачинки, но сега има нов вкус кој го освои светот - германски мини палачинки.
Како да ги подготвите?
Потребни состојки:
- 2dl млеко
- 6 јајца
- 1 шолја брашно
- 1 кесичка ванилин шеќер
- 1 лажица екстракт од ванила
- ¼ шолја стопен путер
- Шеќер во прав
- Мармалад, крем или фил по избор
Подготовка:
Загрејте ја рерната на 200 степени.
Со миксер изматете го путерот, а потоа постепено додавајте едно по едно јајце. Кесичката ванилин шеќер и екстрактот од ванила ставете ги во смесата и промешајте.
На самиот крај ставете го брашното, па млекото и се добро изматете во тесто.
Подгответе еден калап за мафини така што претходно ќе го намачкате со зејтин или путер, па ќе ја ставите смесата за палачинки. Само не ги преполнувајте калапите за добро да се испечат.
Печете 15 минути, додека тестото не добие златножолта боја.
Прелијте со крем, мармалад или некој друг фил и шеќер во прав.
Послужете веднаш.