Топ 3 омилени коктели на барменот Васил Пеевски

Васил Пеевски е бармен кој почнал да се занимава со оваа професија од неговата 18-годишна возраст.

top-3-omileni-kokteli-na-barmenot-vasil-peevski-01.jpg

Тој коктелите ги подготвува со посебно внимание и љубов, а за нивните имиња вели дека се многу важни, бидејќи зад секој од нив треба да има посебна приказна.

Па така, неговите коктели носат интересни имиња, но признава дека на голем дел од нив не се сеќава, а како посебни ги издвојува „Pour toi mon amour“ и „Childhood memories“.

Васил во барменството постигна голем успех, а посебно е горд на освоените места на интернационалните натпревари.

Неговиот прв натпревар од таков ранг е Светскиот натпревар на „Marie Brizard“, на кој освојува 4-то место, потоа следи второто место на европското првенсто на „Angostura“ и како најголем успех го истакнува освоеното второ место на официјалното Светско првенство, каде што бил прогласен за најдобар млад бармен во категорија на бармени до 28 години.

top-3-omileni-kokteli-na-barmenot-vasil-peevski-002.jpg

Во продолжение прочитајте нешто повеќе за тоа како тој започнал да се занимава со барменството и секако, какви коктели сака и кои се неговите 3 омилени.

Од каде желбата за оваа професија и од кога започна да се занимаваш со барменство?

Сѐ започна од една невообичаена идеја на мајка ми. Одеднаш ѝ дошло чувство дека би бил добар бармен, па така на нејзина иницијатива започнав да се занимавам со барменството од мојата 18-та година, односно веднаш штом станав полнолетен и имав законско право да консумирам алкохол, што воедно и претставуваше единствената пречка да се запишам на курс за бармени порано.

По завршениот курс за бармени, веднаш почнав да работам позади бар, како помошник. Паралелно студирав, па така работев само за време на викендите, но во одреден момент се најдов на раскрсница. Или факултетот или работата. Сметам дека секој треба да направи избор, бидејќи не може да бидеме најдобри во сè, па така одлучив да паузирам со факултет и со полна пареа да се посветам на работата.

top-3-omileni-kokteli-na-barmenot-vasil-peevski-05.jpg

Желбата, макотрпната работа и љубовта за работата ме донесоа каде што сум сега. За жал, кај нас има толку многу стереотипи што младите луѓе се приморани да функционираат според однапред поставени „правила“, а со самото тоа не им се дозволува да го прават она што го сакаат.

Па затоа, мој совет до сите мои колеги, а воедно може да важи и за сите останати е тоа дека желбата, љубовта кон професијата и посветена работа се клучот за успехот.

top-3-omileni-kokteli-na-barmenot-vasil-peevski-06.jpg

Топ 3 омилени коктели на Васил Пеевски:

Обожувам кисели коктели, не сум голем фан на оние поблагите. Уште ако има рум за базен алкохол тогаш сум „купен“.

1. На прво место, секако, Daiquiri, мојот најомилен коктел. Ме освои уште од првата голтка.

Со тек на време ја создадов и рецептурата што мене најмногу ми одговара:

  • Anejo rum 50ml
  • Fresh lime juice 25ml
  • Sugar syrup 20ml

2. Како второпласиран е Rum Old Fashioned, и тоа не било кој рум, туку Angostura 7, не можев да си поверувам колку добро оди овој рум во оваа комбинација.

Овој коктел не е баш од оние киселите кои ми се омилени, но и тоа како сакам да го консумирам.

  • Angostura 7 Rum 50ml
  • Rich sugar syrup 5ml
  • Angostura bitter 3 dashes

3. И како последен во низата го вбројувам Negroni. Неповторлива класика со специфичен и остар вкус. Иако многумина мислат дека овој коктел е силен на алкохол, се лажат.

Едноставно, остриот и горчлив вкус е мамка, а мене одлично ми доаѓа после напорната смена.

  • Gin 30ml
  • Roso vermouth 30ml
  • Campari 30ml

top-3-omileni-kokteli-na-barmenot-vasil-peevski-02.jpg

М. М. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

4 рецепти за пијалаци со кафе што ќе ве стоплат оваа есен Кафе со вкус на кокос, но и кафе со таан алва – 4 рецепти за оние кои сакаат да ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg