Кај Христина дома: Шик плочките во кујната ми се погодок, но малиот број фиоки ми се промашување (фото)
„На кујна која чинеше 150 евра ѝ сменивме работна плоча, рачките од истата од сиви ги офарбав црни за да бидат дел од мојот црно-бел свет и додадов шарки на меко затворање, кујната како во минатиот, така и во овој дом ми е централно место и сакав да се чувствувам убаво во неа“, раскажува 32-годишната Цики од Скопје.
Христина Цики од Скопје е страстен љубител на домашното уредување и трошење пари на декорација. Таа има 32 години и по професија e менаџер на човечки ресурси.
На својот Инстаграм профил таа постојано објавува фотки од својот стилскии уреден дом.
За CRNOBELO.com таа споделува искуства од уредувањето на нејзиниот, како што вели самата, привремен дом:
„Кога се одлучуваш преку ноќ да го продадеш станот во кој пред цели 4 години си ја вложил цела енергија и љубов за да го направиш дом и решаваш да се преселиш во друг привремено (за две години) секако дека ќе направиш многу грешки во уредувањето, но истовремено ќе научиш многу нешта.
Пред неполна година донесовме одлука дека тогашниот наш стан ни е мал и мора да го продадеме и да купиме нов поголем.
Во целата приказна се решивме привремено да живееме на кат со родителите на сопругот, кат од стан, кој се наоѓа на поткровје и кој е веќе опремен со парчиња мебел, а треба да го средиме по наш (читај мој вкус и желба) за да биде дом во наредните скоро 2 години.
Трансформацијата и процесот беше тежок и макотрпен, домот кој го средував пред 4 години решивме да го продадеме со најголем дел од мебелот, односно со цела опремена кујна со апарати, со вградени плакари итн., она што го донесовме во новиот дом беше гарнитурата од која никако не сакавме да се одделиме, креветот од спалната и трпезаријата.
Најголема грешка која ја направив е што не си ја земав кујната и сите делови од неа, многу ќе ми олеснеше, ама за сметка на тоа си купивме кујна со многу прифатлива цена и сами ја досредувавме и сами ја доправувавме.
На кујна која чинеше 150 евра ѝ сменивме работна плоча, рачките од истата од сиви ги офарбав црни за да бидат дел од мојот црно-бел свет и додадов шарки на меко затворање, кујната како во минатиот, така и во овој дом ми е централно место и сакав да се чувствувам убаво во неа.
Со оваа кујна изгубив многу на простор на складирање што за мене е проблем бидејќи имам еден тон работи од другата кујна, секогаш сум за повеќе фиоки за складирање отколку ормарчиња.