Во домот на Тодор и Кристина: Современо уреден стан од 88м2 во подножјето на Водно (фото)
Во станот на младиот брачен пар има ќоше со висечка лулашка кое служи како библиотека и место за релаксација. Дрвото како елемент е умешно избалансирано во сите соби за да дава топлина.
Кристина и Тодор Тодоровски живеат во стан во Скопје, во подножјето на Водно, Црниче. Станот има 88м2 и е со ориентација север-југ, со поглед на Скопје.
Улогата на архитект проектант во уредувањето на овој стан ја има Андреј Клинчаров.
Андреј Клинчаров за CRNOBELO.com открива:
„Често архитектонските проекти не завршуваат според првичните планови на хартија. Причина се тековните непредвидени работи, измени за да се задоволат потребите и желбите на клиентот, како и финансиските проблеми кои се јавуваат. Но, тоа не е случај со овој проект.
Имав среќа да работам со клиенти кои воедно ми се блиски пријатели и имавме целосна взаемна доверба во целокупниот процес на проектирање. Уште во самиот старт беше одбран стилскиот правец, комбинација од неколку комплементарни стилови, и тоа е големо олеснување за проектантот. Станува збор за стилот Mid-century modern.
Дневната соба како јадрото на случувањата во домот е споена со трпезаријата и кујната, каде преовладува индустрискиот стил (ѕид од тула со бакарна украсна сијалица, елемент за алкохол) во комбинација со современа верзија на ретро стилот (бела техника, технологија, столици, слики).
Модерното ќоше со висечка лулашка кое служи како библиотека и место за релаксација дава удобно чувство и пријатност кое се протега низ целиот стан. Целта е постигната, а тоа е адаптација на современото живеење на младиот брачен пар.
Рачната изработка на ореовата трпезариска и дневна мала маса ја внесуваат човечноста во веќе топлиот простор. Дрвото како елемент е умешно избалансирано во сите соби и позиции низ истите.