Која боја е најдобра за секоја просторија од домот, според емоциите што ги предизвикува?
Веројатно досега сте слушнале за таканаречената психологија на боите, односно претпоставката дека боите имаат влијание врз нашето расположение.
Иако се потребни уште истражувања за да се открие точно какви емоции предизвикува секоја боја, сигурно и самите имате забележано дека боите влијаат врз вашето расположение и емоциите што ги чувствувате.
На пример, повеќето луѓе ја сакаат зелената боја и скоро секогаш се чувствуваат релаксирано кога гледаат во неа. Зелената е една од најприсутните бои во природата, па веројатно си ја поврзуваме со тоа и ни помага да се смириме.
Истото важи и за другите бои - потсвесно ги поврзуваме со нешто, па поради тоа предизвикуваат различни емоции.
Погледнете која боја се смета за најдобра за секоја просторија во домот, во зависност од емоциите што ги предизвикува, а вие одлучете дали ви е доволно естетски соодветна:
Кујна: Жолта
Жолтата боја го потпикнува лачењето серотонин, познат и како хормон на среќата, а може да го стимулира и апетитот. Поради ова, жолтата е најдобрата боја за вашата кујна. Доколку се одлучите за оваа боја, сепак направете добра комбинација, силните бои во кујна може и да дадат спротивен ефект, секако, зависно од естетскиот вкус.
Канцеларија: Црвена
Наводно, црвената боја може да ве мотивира и да ве направи попродуктивни. Ова значи дека црвената е одличен избор за вашата канцеларија. Истовремено, ако имате домашна теретана, нема да погрешите ако ја направите црвена.
Секако, приспособете ја бојата со естетиката, не мора баш цела просторија да биде во црвена боја.
Спална: Сина
Сината боја може да ве смири и да ви помогне да се релаксирате. Па, ако се двоумите за бојата во спалната соба, сината е секогаш добар избор.
Ходник: Сива
Многу дизајнери на ентериер сметаат дека сивата е најдобра боја за ходници и влезови бидејќи е неутрална. Оваа боја не е нападна и не предизвикува силни емоции, па одлично ќе се вклопи во домот, без разлика како е уреден.
Работилница, соба за медитација и слично: Виолетова
Виолетовата боја често е поврзувана со духовноста и може да ја стимулира вашата креативност. Поради ова, ако имате работилница, соба за медитирање или каква било просторија што ја користите за креативни активности, најдобро е да ја офарбате виолетова.
Дневна соба: Портокалова
Портокаловата боја ни го подобрува расположението и нè прави среќни, а на просторијата може да ѝ даде доза топлина. Затоа портокаловата е одличен избор за дневната соба, секако во граници на нормала, да не претерате.
Детска соба: Зелена
Зелената боја ја поврзуваме со природата и обично нè смирува и ни помага да се релаксираме. Поради овие својства, најдобро би било собата на вашето дете да ја офарбате зелена.
Натрупани простории: Розова
И розовата боја има релаксирачки својства, а притоа ја намалува напнатоста. Затоа таа е одлична за тесни и натрупани простории кои можат да направат да се чувствувате непријатно. Сепак, ако претерате може да добиете и спротивен ефект, па бидете умерени.
Спирова С. | Црнобело