Топ 5 трендови во уредувањето на детските соби за 2018 година
Време е да им кажете стоп на Дизни ликовите и да внесете поинаков шарм во собата на вашето дете.
Уредувањето на детските соби е вистинска авантура за родителите, но годинава таа ќе оди во поинаков правец.
На нетрадиционалните родители, кои се подготвени да се оттргнат од шаренилото и ликовите од цртаните филмови, овие нови трендови одлично ќе им дојдат.
Од монохроматски мебел до тврдини како дел од ентериерот, ова ќе биде хит во уредувањето на детските соби во 2018 година:
Збогум „бебешки“ мебел
Заминуваат деновите кога детските соби се уредуваа со „бебешки“ мебел. Во 2018 нема да бидат актуелни парчиња мебел во силни бои со принтови инспирирани од анимираните филмови.
Сега модерниот ентериер на детските соби ќе опфаќа стилски монохроматски мебел со шик бохо изглед и пастелни нијанси.
Играчки од дрво
Пластичните шарени играчки годинава ќе бидат заменети со дрвени. Продажбата на автомобили од дрво и куќички за кукли од дрво вртоглаво порасна во последно време ширум целиот свет.
Покрај дрвените играчки, некои родители се одлучуваат за минималистички декор на детските соби со низа елементи од дрво.
Нов тип на ќебиња
Во 2018 сè повеќе ќе се користат т.н. „weighted blankets“, ќебиња дизајнирани да бидат 10 проценти од телесната маса на личноста што се покрива со нив и кои помагаат за подобра релаксација и намалување на стресот и инсомнијата.
Всушност, тие се едни од најефикасните алатки за да им се помогне на децата со многу енергија кои тешко се смируваат.
Притисокот од тежината врз мускулите, зглобовите, тетивите и лигаментите му овозможува на централниот нервен систем полесно опуштање. Овој терапевтски концепт започна да се користи во многу земји.
Постојани тврдини
И додека градењето на тврдини од чаршафи некогаш беше дел од детската игра, сега родителите им градат тврдини на децата, кои стојат во нивните соби како дел од ентериерот.
Интересните дизајни, кои вклучуваат различни детали и светилки, позитивно делуваат врз фантазијата и играта на децата. Некои родители дури и креветите ги уредуваат како тврдина за своите најмали.
Привремена уметност на ѕидовите
Родителите сè повеќе им даваат шик изглед на детските соби со тоа што ставаат интересни лепенки на ѕидовите.
Убавото кај оваа уметност е што може да се менува, па од ѕвезди и месечина до персонализирани пораки, изборот е огромен за освежување на детските соби.
С. С. | Црнобело