Грешки во уредувањето на ходникот заради кои оставате погрешен впечаток кај гостите
Не обрнувате внимание на огледалото кое рефлектира неуреден дел од домот, го претворате ходникот во магацин со еден куп натрупани јакни на закачалка - кои работи во ходникот оставаат лош впечаток за вас како домаќин?
Многумина можеби не го уредуваат ходникот со многу размислување како останатите соби од домот, но реалноста е дека тоа е првото место каде што се влегува во домот и каде се остава првиот впечаток за домаќините.
Па, доколку не сакате да оставите погрешен впечаток на луѓе кои не се грижат за атмосферата во домот, погледнете дали треба да направите промени во уредувањето.
Неколку грешки заради кои домот не ви остава хармоничен прв впечаток:
Користите само плафонско светло
За ходникот да не делува мрачно, освен плафонското светло додајте и некое интересно ѕидно светло, столна ламба или декоративни рефлектори со кои атмосферата ќе делува попријатно.
Бирате едноставни клупи кои оставаат простор за неред
Кога бирате клупа за седење во ходникот, гледајте да не е нешто само со ногарки, што остава простор за собирање прашина или трупање чевли и кутии кои ќе изгледаат неуредно.
Наместо тоа одберете нешто попрактично, во кое може да се складираат чевли кои нема да се гледаат и сите ќе бидат уредно стокмени.
Го претворате ходникот во магацин
Не им е место на сите можни јакни и парчиња облека на закачалка во ходникот, посебно ако е отворена.
Работите што не ги носите често или се сезонски, приберете ги на друго место или спакувајте ги уредно во кутии.
Во ходник чувајте само неколку неопходни парчиња кои ги носите речиси секој ден и нека бидат културно закачени, а не натрупани.
Бирате отворени полици
Независно дали се за чевли, некаков тип на текстил или украси и книги, отворените полици секогаш делуваат понатрупано, па подобро е да практикувате затворени шкафчиња или фиоки кои однадвор делуваат едноставно и ненападно на прв поглед, а внатре се уредно организирани.