Магијата на бројот 3: Правило за уредување на домот
Ако сакате просторот во кој живеете да го направите што попријатен и похармоничен, групирајте ги предметите во тројки.
Генерално, непарниот број на детали во просторот е попривлечен и остава посилен впечаток отколку парниот, тврдат дизајнерите.
Во што е тајната?
Одговорот е: во начинот на кој функционира човечкиот мозок. Непарниот број на објектите ги тера нашите очи повеќе да се движат, што го прави поинтересно визуелното искуство.
Ако има повеќе од три предмети кои сакате да ги сместите на една полица, на пример, тоа можете да го направите така што заедно ќе наредите 5, 7 или 9 детали, водејќи притоа сметка да не ја пренатрупате полицата.
Ваквиот принцип се применува во дизајнот на ентериер, но се користи и во графичкиот дизајн, а добро е да го имате на ум и при фотографирањето (фотографијата би требало секогаш да има три главни, најистакнати детали, односно сегменти), па дури и при раскажувањето приказни, ако го земеме предвид правилото за вовед, заплет и расплет.
За идеален распоред, групирајте ги елементите со различна висина и ширина, како би постигнале поголем ефект, а подредете ги така што ќе бидат дел од тројка во повеќе комбинации, зависно од која страна ги гледате. На тој начин, ќе му дадете динамика на просторот, а ќе направите и истото катче секогаш да изгледа поинаку.
Доколку сакате да ги истакнете вазните, тогаш наредете три вазни една покрај друга, или, пак, позиционирајте ги така што ќе формираат „триаголник“. Две меки перници на лежајот и една перница за седење на подот, кои згора на сè и се „сложуваат“ по бои, пак, би можеле да создадат навистина пријатен амбиент во ентериерот. Исто така, на масичката во дневниот престој, покрај билката, во украсната саксија убаво би било да ставите и два кристала кои го чистат просторот.
Која е вашата „среќна тројка“ во домот?
М. А. | Црнобело