Светло зелено, пеперутки, мешани принтови - новите трендови за уредување на домот за 2017-та
Секоја нова година означува и нова можност за освежување на домот. Дали ви е здосаден истиот стар мебел и ве задушува чувството на монотонија?
Време е за мало реновирање, кое нема да ве чини многу, а ќе внесе огромна промена. Потребна е само желба и секако, добри идеи како овие.
Погледнете ги новите трендови кои се закануваат дека ќе го освојат внатрешниот ентериер во 2017-тата година:
Светло зелена боја
Престижната компанија „Pantone“ ја прогласи оваа весела зелена нијанса за боја на годината. Се очекува истата да доминира во внатрешниот ентериер, модата и комерцијалниот дизајн во 2017-тата година. Оваа нијанса на зелена која потсетува на жапчето Кермит претставува освежување и ревитализација, па доколку сте храбри испробајте ја во својот дом за повеќе светлина и енергија.
Пеперутки на ѕидовите
Симбол на грациозност и оптимизам, пеперутките се еден среќен мотив за кој треба да пронајдете место под покривот. Без разлика дали ќе се одлучите за тапет со пеперутка принт или 3D пеперутки кои изгледаат пореалистично, нема да погрешите во ниту еден случај.
Измешани принтови
Овој тренд за прв пат беше забележан на Модната недела во Њујорк минатата година, но имајте предвид дека модата неретко е катализатор на сите нови трендови за внатрешно уредување. Доколку сте љубител на симетричните принтови, ставете ги за кратко на пауза и дадете им шанса на измешаните принтови.
Богата текстура
Луксузни, меки материјали кои обвиткуваат удобни и големи софи и фотелји, тоа е она што е во центарот на вниманието за тековната година. Важно е мебелот да има богата текстура и да не изгледа премногу обично или досадно.
Темносината е новата црна боја
Која е новата замена за црната боја? Морнарско сината, која совршено ќе се вклопи во реновирањето на кујната, освежувањето на ѕидовите во спалната соба, или тепихот кој ќе го ставите во дневната соба.
Уметнички детали наместо „Направи сам“ проекти
Години наназад светот се опседна со „DIY“ или „Направи сам“ проекти, и иако има одредена убавина во личната креативност и создавањето „нешто од ништо“, оваа година трендовите предлагаат повеќе уметнички и уникатни детали изработени од специјализирани занаетчии кои ќе го исполнат просторот, како рачно изработени стаклени вази.
Бели декоративни предмети
Во контекст на претходно кажаното, акцентот е ставен на рачно изработени предмети во креда бела боја, кои му даваат природно и органско чувство на домот.
Со цел да не изгледаат премногу стерилно, доволно е изработките да се малку исполирани поради сјајот или со блага текстура на површината.
„Скриени апарати“ за домаќинството
„Помалку е повеќе“ никогаш не била повистинита изјава кога се работи за внатрешното уредување на домот. Апаратите кои се „кријат“ и вовлекуваат зафаќаат многу помал простор, изгледаат модерно и футуристички, давајќи му сосема поинаков печат на домот.
(О)Милена | Црнобело