Фенг Шуи совети: Како да го обоите домот за да постигнете хармонија?
Според Фенг Шуи секоја боја носи со себе различна енергија и ги одразува еден од петте елементи: вода, земја, оган, метал и дрво. Овие елементи се употребуваат во одредени полиња од нашиот животен простор за балансирање меѓу енергиите.
Токму затоа домот можете да го уредите, односно обоите на тој начин што токму боите ќе ги привлечат енергиите кои сакате да ги имате во домот и во просториите.
Оган
Балансираните елементи на огинот во вашиот дом ќе ви донесат одлична енергија за остварување на професионални успеси. Бои кои се врзуваат за овој знак се: црвена, портокалова и виолетова.
Црвената укажува на среќа и радост. Во Фенг Шуи таа симболизира богатство и луксуз, но не треба да ја употребувате премногу.
Портокаловата се вели дека е социјална боја, бидејќи креира енергија за дружење и разговор, додека пак, виолетовата добра е за мали детали во домот.
Земја
Силните земјени елементи ќе ви помогнат да добиете стабилност во домот, да одржувате внатрешна рамнотежа и здравје. Обично боите кои се врзуваат за овој елемент најдобро е да ги имате поставено на централно место во домот.
Бои кои се врзуваат за елементот земја се: светло жолта, беж и праска боја.
По Фенг Фуи нема ограничување околу употребувањето на овие бои, а се препорачува да ги користите на југозападните ѕидови во домот.
Метал
Овој елемент носи острина, јасност, прецизност и ефикасност и посебно е добар за работните простории во домот. Металот треба да доминира на западните и северозападните делови од просторот.
Бои со кои се врзува овој елемент се сивата и белата боја. Сивата препорачливо е да се употребува на западните делови, додека пак белата боја можете да ја употребувате без ограничување.
Вода
Елементот вода носи освежувачка енергија, чистота и мир во домот. Според Фенг Шуи водата е симбол на изобилие и нејзини бои се сината и црната.
Сината боја носи енергија која лекува и освежува. Оваа боја најдобро е да се употребува на источните и југоисточните делови од вашиот дом или канцеларија.
Црната боја дава цврстина и дефинираност на просторот, но треба да ја избегнувате на јужните делови од домот, умерено во детската соба и главниот влез.
Дрво
Дрвото носи енергија на виталност и раст. Бои кои се врзуваат за овој елемент се кафеавата и зелената.
Кафеавата боја најдобро е да се употребува на источните, југоисточните и јужните делови од вашиот дом или канцеларија, но не е пожелна во детската соба.
Зелената боја е симбол на обновувањето и добро делува на здравјето. Можете да ја употребувате во разни нијанси и максимално да го употребите нејзиното енергетско влијание.