5 инспиративни идеи за уредување на кујната - Ретро елементи и модерни дизајни
Кујна која потсетува како да е од филмовите, зелена нијанса на елементите - како да ја уредите кујната за да биде не само практично, туку и пријатно место во домот?
За некои луѓе, кујната е дел од домот во кој поминуваат најмногу време. Токму затоа сакаат оваа просторија да е пријатно катче, во кое не само што ќе готват, туку и ќе уживаат.
Токму затоа ви нудиме неколку идеи за уредување на кујната кои може да ве инспирираат со своите впечатливи детали, модерни дизајни, ретро елементи или пастелни бои...
Кадифени елементи за кујната
Еден од најголемите хитови во уредувањето на кујните последниве години се елементите чија површина потсетува на кадифе.
Овие висококвалитетни материјали се нежни на допир, отпорни на високи температури, а производителите велат дека се чистат лесно.
Имаат едноставни линии, поради што можат да се вклопат одлично во различни стилови, на пример ако домот го уредувате во скандинавски или индустриски стил, но и ако изберете минималистички стил на уредување.
Плочки во ретро стил
Бледо-портокаловите плочки за кујна или нијансите на цигла, ќе ѝ дадат ретро шмек на вашата кујна.
Доколку се решите за декорирање во ретро стил, имајте предвид дека целата кујна (ако не цела, барем поголемиот дел) треба да е со ретро елементи за да изгледа компактно.
Па, освен плочките, за комплетен изглед, изберете и чинии и украси со ретро мотиви.
Тивок луксуз
Доволно е во кујната да поставите неколку убави, впечатливи и поскапи парчиња, за да создадете впечаток на таканаречениот „тивок луксуз“.
Идејата е во просторот кој е со чисти линии и суптилни бои, да додадете малку живост, а тоа ќе го направите со впечатливи лустери, необични столчиња или златни елементи, на пример.
Зелени нијанси
Покрај тоа што зелената боја смирува, таа делува и многу кул како основна боја во кујната.
Според уредувачите на ентериери, најсоодветна е минт нијансата, која е „смирена и тивка“, а која истовремено остава впечаток и на модерно и на ретро.
Освен што можете да ја искористите како боја за елементите во кујната, со зелената боја можете да обоите и еден ѕид, па да ѝ дадете посебен шарм на просторијата.
Кујна како од филмовите
Дали се сеќавате на филмовите What Women Want или The Parent Trap на режисерката Ненси Мајер?
Заедничко за двата филма е уредувањето на кујната - прекрасен простор кој оддава впечаток на топла домашна атмосфера.
Токму затоа можете да ја декорирате кујната во овој стил - со шанк маса, високи шанк столчиња, елементи со златни рачки, ретро плочки на подот и по некој украс.
Да посакате да влезете во неа и веднаш да испечете некој колач кој ќе мириса на цимет.
А. Ј. | Црнобело