На гости кај Јулинда и Рилинд: Стилски стан во Скопје со кујна со отворени полици (фото)
- Детали
- сабота, 24 декември 2022
„Островот е централниот момент на нашата кујна и дом и иако просторот не ни дозволуваше за поголеми димензии на овој елемент, сепак си направивме доволно простор за нашето утринско кафе да го испиеме во овој дел од станот и потоа секој да си продолжи со своите дневни обврски“, споделува Јулинда Гега Хоџа (30), архитект/дизајнер, за CRNOBELO.com за станот во кој живее со сопругот и двете дечиња.
Јулинда Гега Хоџа (30), магистер по архитектура и дизајн живее со сопругот Рилинд, фотограф и ко-основач на маркетинг агенција, и нивните две деца, постариот син Крон (3) и Приам, кој има 5 месеци, во стан во Скопје.
Вели дека овој стан пред 4 години бил почетокот на нивниот заеднички живот и затоа сакале да го уредат според својот вкус и потреби.
За уредувањето на нивниот дом Јулинда открива за CRNOBELO.com:
„Кога еден архитект/дизајнер треба да работи односно проектира и дизајнира за себе може да кажам дека е најтешката задача. Вие самите сте и клиент и дизајнер.
Во тој случај секогаш постои недостаток на втор пар очи.
Иако во мојот, односно нашиот случај многу детали од станот се направени во консултација со сопругот, Рилинд, кој иако не е архитект твори во креативната област преку неговото око како фотограф и ко-основач на маркетинг агенција.
Првата година си бевме сами, сè уште немавме деца, и станот си стоеше во една „уредна слика“ цело време.
Откако се благословивме со нашите две деца, ентериерот доби нови колорити, елементи и станот си ја обнови душата.
Целокупната идеја беше да се креира удобен дом, топла атмосфера и функционалност на просторот.
Станот се состои од дневниот дел, кој е споен со трпезаријата и кујната. Овој концепт спаѓа во прилично новите идеи на ентериерите, каде се прави спој на функциите во едно место, со што се овозможува слободна интеракција на корисниците кон сите простории во секое време.
Ентериерот стреми кон современата и модерната архитектура, со користење на клучниот материјал, дрвото.
Дрвото како материјал е издржлив и тоа го прави да биде долготраен избор, лесно се одржува и користи, а пак секое парче дрво има уникатен свој изглед.
Додадени се и топлите и пастелните тонови врз една логична, функционална основа.
Освен потребните елементи и столарија, кои се неопходни за секојдневниот живот, во нашиот стан има декоративни елементи, кои ја формираат целата слика на дизајнот, а исто така нè претставуваат и нас и нашиот живот.
Кујната, како центарот на домот, е спој на нашите модерни идеи и размислувања. Секако, во денешно време асортиманот на материјали е толку голем и можам да кажам возбудлив со што се овозможуваат разни финиши на сите површини.