На гости кај Никола: Стан во Скопје со Halloween украси, „направи сам“ камин и многу цвеќиња (фото)
- Детали
- сабота, 29 октомври 2022
„Скоро секоја сезона подготвувам по еден настан. Така оваа есен подготовките беа насочени кон Halloween. Омилено катче ми е аголот во дневниот простор со DIY каминот кој секоја сезона добива соодветна декорација. Балконот ми е исполнет со цвеќиња, кои за жал моето маче Симба обожава да ги грицка“, споделува Никола Блажевски (29) за својот стан од 60m2 во скопската населба Кисела Вода.
Никола Блажевски (29), вработен во Центар за обука по Прва помош при Црвен крст на град Скопје, живее во стан од 60m2 во населбата Кисела Вода во Скопје.
Хоби му е изработка на DIY (направи сам) проекти и негово дело се каминот во станот, тиквичките за Halloween, куќичката за мачето, клупата и масата на балконот и други детали во неговиот дом.
Обожава просторно уредување, организирање на настани, аранжирање на цвеќе и фотографирање. За себе вели дека има чувство за естетика, око за детали и пасија за фотографија.
За уредувањето на домот, но и тематското украсување за Halloween, Никола открива за CRNOBELO.com:
„Скоро секоја сезона подготвувам по еден настан. Така оваа есен подготовките беа насочени кон Halloween.
Традиционално веќе трета година со друштвото ја обележуваме „Ноќта на вештерките“, иако овој ден не е толку многу популарен во нашето поднебје.
Сè започнува скоро еден месец претходно со собирање инспирација и подготвување на концептот за тоа што и како ќе се сервира, декорира, изработи и набави за тематската вечера.
Оваа година на трпезата покрај купените декорации и реквизити, свое место си добија и DIY тиквичките, кои ги изработив од ткаенина, памук и коноп, и ги поставив во секоја чинија.
Покрај сезонските настани, се грижам за повеќе од 20 салонски цвеќиња и кактуси низ целиот стан.
Заедно со ентериерот, тие додаваат посебен амбиент и чувство на поврзаност со природата кои ми се важни за квалитетно и балансирано секојдневие.