На гости кај Кристина и Дарко: Двокатна куќа во Скопје од 160m2 со доминација на темни тонови (фото)
- Детали
- сабота, 26 февруари 2022
„Нашиот дом го реновиравме и доградивме пред три години и поголемиот дел од куќата ги изработивме сами јас и сопругот, без голема помош од мајстори, на што сме особено горди. Подот на првиот кат е целосно со плочки, за кои сметаме дека се одлични бидејќи се лесни за одржување и благодарение на подното греење секогаш топли и погодни за деца“, вели Кристина Петковска (34) од Скопје.
Кристина Петковска (34) живее со сопругот Дарко Петковски (34) и 5-годишната ќерка Меланија во куќа од 160m2 во населбата Радишани во Скопје.
Кристина моментално се занимава со основање на свој бренд за облека наменета за мајки и деца, а нејзиниот сопруг е софтверски инженер.
За уредувањето на нивниот дом, Кристина открива за CRNOBELO.com:
„Нашиот дом го реновиравме и доградивме пред три години и поголемиот дел од куќата ги изработивме сами јас и сопругот, без голема помош од мајстори, на што сме особено горди.
Нашиот дом се состои од два ката, со внатрешни скали кои се изработени од дрво и железо кои се составен дел од долниот кат.
На долниот кат доминира црната и белата боја, иако црната боја и железото ги сметавме како студени и затоа ги надополнивме со дрво, кое дава чувство на топлина, како и украси со златни детали.
Подот на првиот кат е целосно со плочки, за кои сметаме дека се одлични бидејќи се лесни за одржување и благодарение на подното греење секогаш топли и одлични за деца.
Првиот кат се состои од дневна, кујна и трпезарија - простор кој е целосно отворен помеѓу себе како и тоалет, а на вториот кат ни се наоѓаат спалните соби.
Горниот кат е составен од спални соби, тоалет, домашна канцеларија и соба гардеробер. За уредувањето на домот се договараме заедно со сопругот - додека за детската соба ги слушавме и желбите на нашата ќеркичка.