На гости кај Марија: Светол стан од 100м2 во Скопје со асиметрија, многу книги и растенија (фото)
- Детали
- сабота, 13 ноември 2021
„Многу го сакам дизајнот од доцните 50-ти, па до доцните 70-ти години, а едната библиотека, комодата на влезот и полиците во спалната ги цртав сама …“, раскажува Марија од Скопје за уредувањето на нејзиниот стан, каде има храбри дизајнерски моменти, но пред сè чувство на удобност.
Марија (36) стан во Скопје со семејството живее во стан од 100 м2 во Скопје.
Со многу природна светлина, внимателно избрани детали, многу книги и пред сè чувство на удобност, тоа е нејзиното катче каде ги полни батериите, но и местото од каде се справува со работните предизвици.
На својот Инстаграм профил таа постојано споделува рецепти и совршени декорации на храна од секојдневието.
За уредувањето на станот Марија споделува за CRNOBELO.com:
„Станов го купив кога имав 25 години и кога сè уште немав комплетно оформен стил на уредување. Но, уште во првиот момент кога влегов во празниот стан знаев што и каде ќе ставам.
Знаев дека нема да имам конвенционални прави форми и дека ќе имам „храбри“ дизајнерски моменти, баш како што се чувствував во моментот.
Генерално сум љубител на минимализам, но и ден денес многу го сакам дизајнот од доцните 50-ти, па до доцните 70-ти и парчињата на Charles & Ray Eames и Eero Saarinen, па трпезариската маса е копија од познатата Tulip Table на Saarinen, додека столчињата се копија на Eiffel Tower base Eames столчињата.
Едната библиотека, комодата на влез и полиците во спалната ги цртав сама, и сè уште сум пресреќна поради тоа.
Имаме две библиотеки (сега веќе и двете се преполни). Втората е копија на Lines библиотеката на Peter Maly.
Уште еден „храбар“ елемент од нашиот дом е комодата под телевизорот, којашто ја доживувам повеќе како скулптура, отколку како комода. Првично беше зелена, но минатата година ја променивме бојата во лаванда лилава.
Во овие 11 години колку што живееме тука, и нашиот дом расте и еволуира со нас. Постојано добива ново светло, нова енергија и ново ниво на удобност, а тоа нам ни е најбитно – удобноста!