На гости кај Теодора: Совршено уредена детска соба во стан во Скопје (фото)
- Детали
- сабота, 24 јули 2021
„Мора да признаам дека детската соба ми е и омиленото катче во нашиот дом, кое го уредив со вистинско задоволство, многу љубов и уживање“, вели Tеодора Ѓикова Ќосева (26), по професија UI/UX дизајнер.
Tеодора Ѓикова Ќосева 26 години, по професија UI/UX дизајнер, живее со својот сопруг и малото синче Давид во стан од 74 м2 во Скопје, Кисела Вода.
Вели дека поголемиот дел од слободното време го посветува на уредување во домот.
За CRNOBELO.com Теодора открива детали за уредувањето на детската соба:
„Последните месеци од бременоста фокусот ми беше уредувањето на детската соба, каде во следниот период ќе го поминуваме поголемиот дел од денот.
Мора да признаам дека тоа ми е и омиленото катче во нашиот дом, кое го уредив со вистинско задоволство, многу љубов и уживање.
Се одлучив за нежни тонови како крем, сиво и бело кои лесно се вклопуваат, и лесно може да се комбинираат со декорација.
Првото нешто е фиокарата, на која ставив подлога за пресоблекување. Знаејќи дека бебињата се нестрпливи додека ги пресоблекуваат сакав да се осигурам дека потребните работи ќе ми бидат на дофат.
Поради тоа во првото фиокиче ги ставив пелените, влажни марамици, тетра пелени/крпчиња, бањарки и дел од бебешката козметика.
Над самата подлога ставив тропалки за да се занимава бебушот. Веднаш до подлогата за пресоблекување во мала корпа ми стои и дел од козметиката за бебе која мислам дека ќе ми биде потребна.
Во другата фиока ставив боденца, дел од шпикозните, лигавчиња, чорапи, ракавици и капчиња, кои се неопходни при пресоблекување на бебе.