На гости кај Магдалена: „Топол стан од 50м2 во Дебар Маало со дрвени бохо елементи“
- Детали
- сабота, 03 јули 2021
„Го уредувавме станот за издавање на Airbnb, но се вљубивме во него и сега ни е дом. Најомилени ми се деталите коишто се изработени од мајка ми: плетен бохо тепих и подметачи од јута“, раскажува 29-годишната Магдалена Михајлоска.
Магдалена Михајлоска (29) која работи како регрутер живее во стан од 50м2 во Дебар Маало.
Во станот доминираат белата и крем бојата и просторот е одлично искорситен.
Магдалена споделува детали од уредувањето за CRNOBELO.com:
„Првичната идеја за станот беше да се уреди за изнајмување на Airbnb, па оттаму и локацијата да е на централно место како Дебар Маало.
Но, како што почнав со реновирањето и уредувањето, секој ден сѐ повеќе почнав да го гледам од друга перспектива. За на крај да одлучам да се вселиме заедно со дечко ми, бидејќи при уредувањето секое нешто го правев со големо задоволство.
Просторот се наоѓа на поткровје и иако е само 50м2, има две спални соби, дневна со трпезарија и кујна, купатило и мала тераса.
Исто така, високите тавани му даваат посебна димензија на просторот правејќи го да изгледа доста поголем од она што навистина е.
Кујната ја направив едноставна и практична во ист стил.
Секој детаљ во станот е моја идеја и стилот е инспирација од топлината на дрвените бохо елементи и минималноста на скандинавсиот стил.