На гости кај Соња: Шик и автентичен стан во Скопје со смела комбинација на црна боја и дабово дрво
- Детали
- сабота, 26 јуни 2021
„Архитектот за уредување на нашиот дом сум лично јас, за мебелот беше задолжен татко ми, за изведувањето на техничките работи и техники на ѕидови беа задолжени сопругот и татко му. Така што целиот дом има посебна емотивна вредност за нас како семејство, затоа што комплетно го уредивме ние самите“, раскажува 32-годишната Соња Тодорова од Скопје.
Соња Тодорова (32) магистер по економски науки (маркетинг/менаџмент), основач на маркетинг и ПР агенција, живеe со својот сопруг во навистина шик и автентичен стан во Скопје. Парот го очекува своето прво дете.
За CRNOBELO.com таа открива детали за уредувањето на нејзиниот дом:
„Со оглед на тоа дека моето семејство повеќе од 35 години е во индустријата за мебел, целиот мој живот, покрај семејниот бизнис имав можност да посетувам саеми за мебел и да бидам вклучена во работата на моето семејство. Од мајка ми ја имам наследено креативноста, па така сакам да експериментирам во смели комбинации со вкусно комбинирање на стилови кои ќе имаат шик и автентичен ефект.
Како со мојот личен стил на облекување така и со домот, сакав да креирам катче кое естетски ќе ги задоволува моите критериуми, а истовремено ќе се карактеризира со удобност и функционалност.
Деталите ми се посебно важни за ефектност и уникатност во еден дом и сметам дека тие креираат еден вид печат во секоја просторија.
Архитектот за уредување на нашиот дом сум лично јас, за мебелот беше задолжен татко ми, за изведувањето на техничките работи и техники на ѕидови беа задолжени сопругот и татко му. Така што целиот дом има посебна емотивна вредност за нас како семејство, затоа што комплетно го уредивме ние самите.
Околу дизајнот на ентериерот се одлучивме за индустриски стил каде што металот и црната боја го комбиниравме со дабово дрво кое дава посебна топлина на целиот простор.
Тие два материјали доминираат насекаде, затоа што сакав од нашиот стан да направам една компатибилна визуелна целина.
Кујната зазема голем простор од нашиот стан и сум посебно среќна поради тоа затоа што обожавам да готвам и сега готвењето ми е вистинско уживање поради големиот простор кој го имам.
Дизајнот на кујната како и на останатите елементи во нашиот стан се минималистички и едноставни со цел да остават деталите да доминираат.