На гости кај Анета Атанасова: Стан во Кавадарци уреден со многу љубов (фото)
- Детали
- сабота, 03 октомври 2020
Највпечатлив детаљ во дневната соба на Анета е темниот ѕид, а нејзино омилено парче мебел е жолтата фотелја.
Анета Атанасова е 30-годишен дипломиран економист, сопруга и мајка, која живее со своето семејство во стан од 85 квадратни метри во Кавадарци.
Таа вели дека ужива во уредувањето на станот и дека смелите детали му даваат уникатен печат на просторот.
Проговоривме со неа за уредувањето на нејзиниот стан:
„Она што треба најмногу да сакате од својот дом е тоа со кого го делите. Позитивната енергија што зрачи во домот го прави уште поубав од тоа што е.
Отсекогаш сум сакала уредно скоцкани домови полни со детали одбрани со љубов и внимание.
Се разбира, домот ве отсликува вас и вашиот карактер, она што го сакате, омилените бои и стилови и затоа најдобро е да го уредите онака како што вас ќе ве прави опуштени и комфорни во него.
Највпечатлив во нашата дневна соба е темниот ѕид кој всушност беше идеја на дечките кои го изработуваа целиот мебел во станот, за кој јас искрено најпрво бев скептик и мислев дека ќе ја затвори таа страна од станот.
Сепак, подоцна се воспостави дека совршено се вклопи во амбиентот и дава посебен шмек на просторот.
Уште една впечатлива работа е жолтата фотелја која беше меѓу првите парчиња мебел за кои бев сигурна дека сакам да ги имам дома. Дава убав контраст со ѕидот, а и со црно-белиот тепих на кој долго пред да го средуваме нашиот стан му имав фрлено око гледајќи го по фотографии на Инстаграм и Пинтерест.
Не смеам да ја изоставам кујната, која е во скандинавски стил и е дел од домот каде што минувам доста време. Ја обожавам баш затоа што е многу светла и широка.