Скоцкан без грешка: Стан по мерка за младо семејство (фото)
- Детали
- сабота, 24 февруари 2018
Розовите, сивите и зелените тонови се добитната формула за богатиот и стилски дизајн на овој трособен животен простор.
Кога желбите на инвеститорот се мошне прецизни, добриот резултат не може да изостане. Домот што ви го претставуваме доживеал комплетна трансформација, па од некогашно „грдо пајче“, денес е вистинско модерно прибежиште.
Во прашање е трособен стан со површина од 77 метри квадратни. По преадаптацијата на просторот, сега ентериерот блеска во полн сјај.
Сиот потенцијал е паметно искористен, а прилагоден е на потребите на повеќечлено младо семејство. Располага со дневен престој, кујна и трпезарија, спална и детска соба, тоалет плус бања, како и ходник со складиште.
А, покрај фунционалноста, истиот може да се пофали и со беспрекорен стил и несекојдневно урбан амбиент.
Светлиот дрвен под е застапен во сите соби, вклучувајќи ја и кујната со трпезарија, додека ходникот, тоалетот и бањата се облепени со популарните геометриски плочки.
Станот изобилува со плакари, но дизајнерите вешто ги поврзале со ѕидовите, па делуваат компактно и не го задушуваат просторот. Напротив.
Во ентериерот доминира топлата палета на розови, сиви и зелени тонови, надополнети од нежните пудрести нијанси, а дополнително ги нагласуваат и внимателно одбраните златни и бронзени украси.
Целокупниот впечаток е ненаметливо гламурозен. Со вкус и мера - баш каков што сакаме:
М. А. | Црнобело