На гости кај Иџе: Стан во „Аеродром“ со големи прозорци, поглед на Вардар и тиркизни детали
- Детали
- сабота, 20 јануари 2024
„Станот го уредував јас пред неколку години, кога се вратив од трка по крајот на сезоната. Во тоа време сопругата и децата беа на викендичката на планина, а јас само им се јавив за да им кажам дека почнувам со рушење и реновирање“, вели Иџе за CRNOBELO.com и откри детали за семејниот дом.
Европскиот шампион во ридски патеки, Игор Стефановски - Иџе, живее во населбата Аеродром, во стан со големи прозорци и прекрасен поглед на реката Вардар.
Станот го уредил по свој вкус, заедно со сопругата, па во домот доминираат светли бои и тиркизни тонови, за кои Иџе вели дека му даваат посебна топлина на просторот.
И иако многумина очекуваат да има соба со трофеи, или барем голем дел од станот да им е посветен да сите одличја што ги освоил низ годините, Иџе вели дека во станот чува само неколку што му се најдраги, а сите останати се во канцеларијата на татко му, кој со многу внимание и љубов се грижи за нив.
За CRNOBELO.com тој раскажа за домот и ни откри зошто со сопругата ги одбиле архитектите со кои разговарале околу неговото уредување:
„Со семејството живееме во Аеродром, во станот во кој се преселив кога имав 12 години со моите родители и брат ми.
Претходно живеевме во куќа на Водно, која беше токму на местото каде што беше стартот за ридските трки, па од таму и се јави љубовта кон овој спорт.
Станот е место кое нè опушта сите бидејќи има многу убав поглед кон Вардар.
Дури и мислам дека останавме во тој стан најмногу поради погледот и сè она што го опкружува местото, бидејќи е многу мирно.
Јас уживам да гледам во вода, во река, и мислам дека не би го сменил станот за ништо и за ниедна друга локација.
Водата ми дава енергија и наутро и навечер, а секојдневното шетање покрај кејот ме опушта.
Инаку, станот го уредував јас. Последното уредување ни беше пред неколку години, кога се вратив од трка по крајот на сезоната.
Во тоа време сопругата и децата беа на викендичката на планина, а јас само им се јавив за да им кажам дека почнувам со рушење и реновирање.
Идеите околу уредувањето се најмногу мои, но сè е направено заеднички со сопругата.
Имавме и предлози од архитекти, но не можевме да се вклопиме во нивните идеи и решивме сами да си го направиме домот, по свое.
За нас тоа е најубавото место, а мислам дека и луѓето што ни доаѓаат на гости се чувствуваат убаво.
Не е ништо луксузно, но е пријатно место, бидејќи најголемиот дел од животот си го поминуваме дома.
Ние не сме луѓе што сакаат да излегуваат многу по ресторани и кафулиња, најубаво ни е да сме дома, да си пуштиме филм.