Николина Ангеловска градот го замени со село: „Со сопругот и синот живееме во кичевско село со 120 жители – рај е“
Веќе една година како сме тука и во ниеден момент не сме зажалиле за одлуката, напротив сега живееме со полна плуќа, паниките исчезнаа и немам време искрено да мислам на нив.
Утрото ми почнува со кафе во канцеларија, работам до претпладне, доаѓам дома, го заспивам Марин, правам ручек, а после пладне шеткаме во прекрасната живописна природа и морам да споделам дека ова лето нè чека уште повеќе работа, бидејќи се одлучивме да направиме една мала градина во која ќе одгледуваме органска храна за нас, ќе садиме и овошки, а бидејќи има голема површина од околу 800 квадрати, ќе се искористи за парк со зеленило и дел ќе биде наменет за детстко катче.
Ни останува за во иднина да размислиме и за чување на некои домашни животни каде што ќе имаме поголеми придобивки како јајца и месо. Целта ни е целата храна да е исклучиво наше органско производство.
Исто така, морам да напоменам дека сум голем љубител на готвењето и секој слободен момент го користам да креирам нешто убаво и вкусно во кујната, а притоа се трудам да биде здраво, но вклучувам и локална традиционална храна, а потоа мојот труд го ставам во слика со рецепт на мојот Инстаграм профил mykitchen.mk, додека мојот животен стил може да се следи на профилот nikolina.angelovska.
За крај на сите оние кои се двоумат да живеат во село им порачувам да не се двоумат бидејќи:
Селанецот дише чист воздух секој ден, нема мирис на автомобили и нема издувни гасови.
Во селата се живее тивок и мирен живот, додека градот е бучен, патиштата натрупани со сообраќај.
На село се јаде чиста, свежа и здрава храна, и да не одгледувате, секогаш ќе најдете од некој сосед да си купите.
Се трошат помалку пари, а сè што купувате на пазар, може да го одгледувате и во својот двор.