Направете сами: Искористете ги старите предмети за вашата уникатна градина
Го завршивте домашното пролетно чистење и многу работи завршија во вашиот подрум но, не мора да останат таму. Старите предмети можете да ги искористите за инспиративно и уникативно декорирање на вашиот дом.
Ослободете ја вашата креативност или едноставно послужете се со овие одлични идеи за вашата градина која може да добие ново стилско руво.
1. Искористете го она што веќе го имате во дворот
Доколку имате повеќе поголеми и помали камења во дворот можете од нив да направите уникатна „саксија“ каде ќе ги поставите цвеќињата за кои сте сигурни дека ќе преживеат во таква средина. Послужете се со креативноста на природата. Доколку Водно ви е на дофат слободно појдете, прошетајте се и освежете се и пропратно донесете дома сплоснати камења. Во нив ставете ги омилените кактуси. Тие со сигурност ќе преживеат тука и ќе никнат во прекрасна инспирација.
2. Искористете ги предметите од подрумот
До неодамна ја реновиравте куќата? Сега се што ви остана се материјалите кои сте сигурни дека никогаш повеќе нема да ги искористите? Доколку знаете дека нема да ви треба количката за правење на бетон слободно поставете ја некаде во тревникот и искористете ја како саксија за вашето омилено цвеќе.
3. Искористете ги играчките на децата
Вашите малечки пораснаа? Повеќе нема потреба од играчки и меѓу другото успеаа да преживеат од сите тие тестирања и детски експериментирања. Не мора да ги фрлате. Со нив можете на нов и креативен начин да го декорирате вашиот двор.
4. Искористете го кафезот
Во младоста чувавте папагалче но, тоа сега не е со вас. За спомен го оставивте во подрум кафезот во кој тоа живееше. Сепак не мора да остане таму. Искористете го како прекрасна висечка саксија каде ќе ги поставите петуниите. Закачете го на некое од дрвата, доколку имате во дворот или некаде на кровот од куќата.
5. Искористете ја домашната библиотека
Доколку во својата библиотека поседувате книги за кои сте сигурни дека никогаш повеќе нема да ги читате и подготвени сте да ги фрлите, можеби постои подобра идеа за вас. Искористете ги за вашето цвеќе како декорација која ќе ја поставите на масата.
6. Искористете ги старите чевли
Доколку имате некои обувки од оваа сезона кои ви се искинаа и повеќе не сте во можност да ги носите можете слободно да ги искористите за вашата уникатна градина. Поставете ги некаде во близина на вашата врата или искористете ги како висечки саксии.
7. Искористете ги тапите од вино
Ова се мали и уникатни детали кои можат многу да придонесат за изгледот на вашата градина. Доколку сте страсен љубител на виното и имате своја домашна колекција од тапи, послужете се со неколку од нив и претворете ги во мали цветни градини кои ќе бидат дел од вашата градина.