Како да ги чистите и одржувате бели декоративните каменчиња во градината?
Светлата боја на декоративен камен со текот на времето може да изгуби дел од својот прекрасен, природен, светол сјај, затоа што е изложена на секакви надворешни услови. Но, добрата вест е што може да го решите овој проблем и тоа со неколку едноставни чекори.
Декоративните камења често се користат за уредување на градините и разубавување на дворот.
Тие даваат поубава слика на градините, патеката, фонтаните, а изгледаат привлечно во текот на целата година.
Но, потребно е нивно одржување и чистење, а за среќа, овој процес е лесен, па со само основна грижа и повремено миење, каменчињата ќе ѝ го дадат посакуваниот сјај на вашата градина.
Како да се исчистат белите декоративни каменчиња?
Белите каменчиња се најчестиот избор за во градината. Тие се елегантни и обезбедуваат соодветен и привлечен контраст со земјата, тревата и кога се во комбинација со потемни нијанси на камења.
Сепак, посветлата боја на декоративен камен исто така со текот на времето може да изгуби дел од својот прекрасен природен светол сјај, затоа што е изложена на секакви надворешни услови.
Но, добрата вест е што може да го решите овој проблем со едноставно миење со црево со вода со висок притисок.
Ако и по миењето со висок млаз вода сè уште забележувате прашина и нечистотии, тогаш обидете се белите камења да ги исчистите со четка натопена во вода и сапуница.
За поприродна алтернатива, може да користите оцет, кој е идеален домашен трик за враќање на белите градинарски каменчиња во нивната природна убавина.
Потемелно чистење на белите декоративни каменчиња
Понекогаш, поради прекумерна валканост, не е доволно миење со црево, вода или сапуница, па потребно е подлабинско чистење.
Во продолжение погледнете еден едноставен, но ефективен процес кој ќе ви помогне да им ја вратите природната убавина на вашите бели декоративни камења:
1. Извадете ги сите каменчиња и ставете ги во рачна количка, каде што претходно ќе ставите церада или парче сличен материјал кој не пропушта.
2. Во голема кофа истурете 50 милилитри белило и измешајте со приближно 20 литри вода.
3. Разредената мешавина додајте ја во количката и нека сите камења бидат потопени. Оставете ги така во период од 24 часа.
Ако се сомневате дека може да врне, покријте ја количката за да спречите дополнително разводнување на растворот за чистење.
4. По изминатите 24 часа, исцедете ја водата и ставете ги камењата повторно во градината. Така би требало да изгледаат побели од кога било.
НАПОМЕНА: Растворот истурете го во одводот бидејќи може да биде штетен за растенијата и животните!
Како да ја исчистите тревата која расте помеѓу декоративни камења
Нормално е дека помеѓу каменчињата може да забележите и растење на трева.
Во тој случај, може да се обидете со неколку техники за нејзино брзо и ефективно отстранување:
Хербициди. Хербицидите се многу ефикасни во искоренување на тревата и се совршено погодни за употреба помеѓу декоративните каменчиња. Сепак, внимавајте зашто се штетни и за вашите растенија!
Сол. Солта е поевтина алтернатива со која може да ја уништите тревата и делува така што го дехидрира растението. Исто така бидете внимателни зашто е штетна за растенијата па пред да ја користите заштитете ги соодветно.
Врела вода. Зовриената вода е многу популарен метод за отстранување на трева, бидејќи со неа не се внесуваат штетни хемикалии во градината. Едноставно, зовријте вода и истурете врз тревата која сакате да биде отстранета.
Отстранување со рака. Секако, ако станува збор за помалку трева, отстранувањето со рака е наједноставно решение. Во ваков случај, носете градинарски ракавици и погрижете се тревата да биде отстранета од корен.
При одржувањето на декоративните камења во вашата градина, важно е редовно да ги отстранувате лисјата и другите остатоци, бидејќи со текот на времето тие може да им ја уништат бојата.
Каменчињата кои се блиску до дрвја, најчесто бараат повеќе одржување, особено во есенските месеци. Користете заштитни ракавици и градинарски алатки кои ќе ви помогнат да ги отстраните листовите и отпадоците.
М. Ѓ. | Црнобело / фото: depositphotos.com