Како нередот во домот му штети на вашето ментално здравје?
Расфрланиот гардеробер предизвикува стрес и денот сигурно нема да ви помине добро ако го почнете со нервирање додека „копате“ низ купот облека за да најдете нешто за на работа.
Размислете како се чувствувате откако ќе го средите домот. Веројатно многу посмирено и посреќно, па дури и мотивирано.
Нередот во домот навистина може да има негативно влијание врз менталното здравје, а во продолжение дознајте како:
Расфрланата кујна го зголемува апетитот и го поттикнува прекршувањето на диетата
Факт е дека нередот во домот предизвикува стрес и факт е дека стресот ни ја зголемува желбата за помрсна и нездрава храна.
Ова значи дека расфрланата кујна може да ви ја зголеми желбата за храна, особено нездрава, а тоа го потврдуваат и истражувањата.
Покрај тоа, кога кујната ви е расфрлана, помала е веројатноста дека ќе сакате да зготвите нешто здраво дури и ако сте на диета, па на крај повторно ќе си порачате пица.
Совет: Пробајте да ги миете садовите по секоја употреба. За да ја измиете чинијата или шолјата ќе ви требаат само 2-3 минути.
Недостатокот од светлина може да ги влоши симптомите на депресија
Недостатокот од светлина може да има негативно влијание врз расположението, а тоа го докажува и таканаречената „зимска депресија“, позната и како сезонско афективно нарушување.
Бидејќи во зима сме изложени на помалку сончева светлина, некои луѓе се чувствуваат депресивно, а оние кои веќе имаат депресија можат да забележат влошување на симптомите.
Нешто слично може да се случи и ако во вашиот дом е постојано темно.
Совет: Тргнете ги завесите и дозволете ѝ на светлината да влезе во домот секој ден, особено ако имате многу темни завеси. Ако не сакате прозорците да ви бидат откриени, тогаш размислете за посветли завеси кои пропуштаат повеќе светлина.
Расфрланиот гардеробер предизвикува стрес
Веќе напоменавме дека нередот предизвикува стрес и ова важи за кој било дел од домот. Нередот во гардероберот, пак, може да биде уште постресен, особено ако треба да излегувате или одите на работа.
Сигурно и самите имате забележано дека денот не ви минува најдобро штом утрото ќе го поминете нервирајќи се додека барате облека во купот во гардероберот.
Совет: Ослободете се од целата облека што не ја носите за да направите простор во гардероберот. Истовремено, создајте си навика откако ќе се пресоблечете, веднаш да ја здиплите облеката или да ја ставите за перење ако е валкана.