Црвена боја привлекува пари – Како бојата на паричникот влијае на финансиите и што не треба да чувате во него?
Црвениот, златниот или виолетовиот паричник ќе ви донесат повеќе пари и ќе ви ја подобрат благосостојбата. Старите фискални сметки и банкарски налози носат енергија на трошење и расфрлање пари. Како да го распоредите паричникот за да имате повеќе пари?
Дали и вашиот паричник е затрупан со стари фискални сметки, непотребни визит-картички, омоти од гуми за џвакање и други непотребни хартивчиња? Ова се случува кај најголемиот дел од нас, а паричникот има сосема поинаква функција – во него треба да чуваме пари и платежни картички.
Освен што не изгледа убаво, навистина понекогаш е тешко да се снајдете кога треба да платите на каса и да ја најдете соодветната картичка или банкнота. Речиси на сите ни се случило да црвенееме од срам додека пребаруваме по паричникот, а зад нас чека огромна редица.
Непријатностите да ги тргнеме на страна, да погледнеме на тоа како овој неред влијае врз креирањето позитивна енергија и повикувањето благосостојба во нашите животи.
Според фенг-шуи позитивните работи не може да се случат во растурени и неуредни средини, па така ниту нашите паричници не се исклучок од ова правило.
Како да го подредите вашиот паричник за да привлечете пари и благосостојба?
Парите се жива енергија што е добиена од друг извор на енергија – напорна работа – и овој круг треба да се цени и да се почитува.
Според фенг-шуи, вашиот паричник не треба да биде натрупан, стар и неуреден, туку треба да биде „храмот“ што ја чува и слави вашата заработка.
Но, освен тоа што ќе го подредите паричникот, неопходно е и цврсто да верувате во тоа што го правите. Доколку сте скептични за ова прашање, тоа што ќе имате чист паричник нема да ви наштети – како и за сè друго, така и овде уредниот паричник само ќе направи да се чувствувате посигурно и полесно ќе се снаоѓате.
За да го организирате паричникот според фенг-шуи, потребни ви се три аспекти:
Организација – Во паричникот ги носите само работите што ви се неопходни и истите треба добро да бидат организирани за лесно да ги најдете кога ви се потребни.
Простор – Секогаш треба да имате доволно простор за работите што ви се неопходни – колку помалку работи, толку подобро.
Боја – Изберете ги најдобрите бои и материјали и грижете се за вашиот паричник.
Кои бои на паричник се најдобри за вас и ќе ви донесат благосостојба?
Голем број бои според фенг-шуи се смета дека носат благосостојба и пари. Тука спаѓаат следните бои: црвена, виолетова, темно сина, црна и зелена.
Погледнете го значењето на секоја од боите во продолжение:
Кафена, беж, пудра или жолта – Овие бои треба да ги изберете доколку сакате да заштедите пари.
Црвена или дречливо розова – Овие две бои ќе ви помогнат да ги заштитите парите од несакани кражби и да ги зачувате од непланирани и неразумни трошоци и инвестиции.
Црвена, златна или виолетова – Овие бои ќе ви донесат повеќе пари, богатство и ќе ви ја подобрат благосостојбата.
Зелена или светло сина – За нов почеток и за отпочнување ново поглавје во вашите животи.
Според фенг-шуи, освен бојата, мошне е важно веднаш да го исчистите паричникот од сите непотребни работи.
Така на пример, старите уплатници носат енергија за трошење пари.
Исто така, паричникот треба да се чува во чанта што исто така е чиста и уредна, или на место што ќе му даде позитивна енергија, на мал послужавник или во некоја убава кутија (кои што исто така се уредни и не се во хаотична состојба).
Б. С. Б. | Црнобело/ фото: depositphotos.com/ freepik.com